Охрид, 17. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Ние постоиме за и во функција на родителите и децата, ќе се водиме според нивниот интерес е ставот на надлежните во охридската градинка „Јасна Ристеска“, по однос на најновата иницијатива на министерството за труд и социјална политика за воведување на двосменско работење на градинките.
Идеја за двосменско работење имало уште во 2013 година. Во два наврати, во 2013 и 2014 година била направена анкета со родителите кои ги носеле своите деца на згрижување во објектите на детската градинка „Јасна Ристеска“. Само два проценти од родителите кои ги имаа запишано децата позитивно се изјаснија и беа заинтересирани за работа во две смени, истакна директорката Розе Костеска.
– Во мај оваа година имаше уште едно истражување што го водеше Бирото за развој на образованието. Според анкетата бројката на позитивни одговори кај родителите беше иста, два проценти и само еден процент се изјаснија за потребата од работа во сабота, рече Костеска.
Сепак таа вели дека оваа бројка не е во целост релевантна, бидејќи со неа се опфатени само оние родители кои што ги носат дечињата во градинка, можеби некој навистина има потреба детето да му биде згрижено попладне или во сабота.
Во моментов во сите објекти на градинката се згрижени вкупно 1.000 деца, а работното време е од 06:00 до 18:00 часот. Доколку се воведе и втора смена, која би била од 14:00 до 22:00 часот, би имале проблем со просторните можност за згрижување на дечињата, со оглед на тоа што ќе имаме преклопување на термини.
Костеска подвлече дека и сега, кога работат во една смена имаат недостаток од персонал во редовната работа. Двосмеското работење ќе наложи потреба од зголемување на трошоците за персонал. Не е потребен само воспитувач и негувател да има во втора смена. Потребно е и технички персонал, хигиеничар, чувар, хаус мајстор, рече таа.
Костеска ја нагласи потребата од состанок со надалежни лица од министерството за труд и социјална политика, на кој тие би ги изнеле овие проблеми со кои би се соочиле понатаму во текот на работата.
Но, како и да е директорката Костеска е децидна дека ќе се раководат според потребите на родителите и во интерес на децата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес