октомври 23, 2014

Велат дека човек треба сите шанси во животот да ги искористи максимално. Макар и најмалите, колку и да се небитни. За жал, Охрид и луѓето кои го раководат моментално не знаат или не сакаат придобивките за градот да ги зграпчат и да зачуваат неговото богатство.

Срамен чин за Охрид и за нас како охриѓани, кој ќе се памети уште многу долго е повлекувањето на веќе добиените  финансиски средства за проектот за заштита на Студенчишкото блато. Откако некој успеал едвај да ги обезбеди тие средства, друг, за жал можеме да констатираме неодговорен, дозволил да бидат повлечени назад и изгубени „нашето Блато“.

Како што проструија информациите низ медиумите, поради несериозниот однос на градоначалникот Бакрачески и неговата администрација, Германците ги повлекле парите од сметката на која претходно ги уплатиле. Зошто Охрид мора да ја наведнува главата од срам поради неколку поединци кои несериозно го сфатиле раководењето на градот?!
Дали некоја претходна власт и во оваа финансиска придобивка, која неповратно ни се овозможи од врвната Германија, ги спречи „управителите“ на градот да ја земат и да го зачуваат едно од најголемите природни богатства на Охрид?! И што е уште пострашно, локалната самоуправа се однесува како ништо да не било наместо да излезе пред своите сограѓани и да се извини. Овде се работи за нешто што припаѓа на сите нас, а не на нешто што е приватна сопственост за некој поединец.

Како да гледаме позитивно во иднината кога ние не ги искористуваме шансите кои ни се даваат на рака. Како да имаме верба во некаква преродба на градот, а не ја земаме подадената рака од странците. Водењето на градот е многу сериозна работа и градот не смее да трпи заради човечки карактери на било кој од нас. Сите имаме подеднакво одговорност кон градот, кон претходните генерации, но и кон идните на кои треба да им го оставиме.

Ванчо Костоски
Претседател на ВМРО-НП – Охрид

0462opstoweb

** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.

Во вториот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од октомври до декември 2014. година, ќе пишуваат и дебатираат Владо Чингоски, Ванчо Костоски и Никола Митровиќ – Бабе.

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука