Не треба голема мудрост за да се заклучи дека лошата економска, социјална и демографска состојба на Охрид е директно поврзана со пропаста на големите економски капацитети „ЕМО“, „Отекс“, „Братство“ итн.
Гигантите вработуваа значаен дел од работоспособното население и беа движечка сила на градот. Добро се сеќаваме како изледаше чаршијата кога 3 – 4 илјади луѓе ќе земеа плата и ќе ги окупираа дуќаните. Иако се поминати само 15-тина години оттогаш, ни делува како далечна историја. „Не се враќат то време деца“ – знает да кажет постариве. И нема назнака дека во догледно време нешто може дасе промени на подобро.
Нема фабрики, нема капацитети, нема работа.
Каде е „големото градилиште“ помпезно најавено од градоначалникот и владата пред скоро две години? Масовно иселување. За две години 1.776 лица се отселиле од Охрид. Од мал град постанавме големо село. Плата од 15.000 денари ја „рачунаме” ко добра плата. Навечер, градот потполно замира. Жив чоек немат по улица. Натписи „се издава“ на многу дуќани шо некогаш солидно работеле. А и безобразно високи кирии. И скапотија. Или слаб стандард, сеедно. Тач-телефони постанаа статусни симболи. Никој ништо не чита. Улици преполни дупки, слаби возачи, застарени возила.
Најтешко ми паѓа несфатливата поделеност на патриоти и предавници, на вмровци и комуњари, на ваши и наши, Бранковци, Груевци… трагикомично. И сите ни` се криви. Посебно шиптарите… Ништо.
Еден светски познат економист рекол „во очајни времиња, очајнички мерки…дајте им на луѓето нека копаат дупки, а после нека ги запретаат”. Епа ајде, дајте лопатите.
Спаско Костоски, здружение „ЕКУЛТУР“
** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.
Во четвртиот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од почетокот на февруари 2015. година до крајот на март 2015. година, ќе пишуваат и дебатираат адв. Александар Карали, Спаско Костоски од здружението „ЕКУЛТУР“ и интернационалниот водич во планина Антонио Додевски.