октомври 23, 2014

Размислувајќи која од многуте теми кои се актуелни во Македонија и нашиот Охрид, сепак се одлучив за една од поактуелните, а тоа е се помасовното иселување  на младите луѓе од Македонија и според статистиката Охрид како рекордер по иселување на младата популација.

Наспроти  големите суми народни пари кои владата на Република Македонија ги дава за саморекламирање  и потикнување на инвестициите, сепак резултатот е поразителен.Од толку големата помпезност досега за жал во негативна смисла е масовнто иселување на младината (очигледно дека сите сограѓани не се навикнати на високиот стандард кој го носи оваа влада и заминуваат во посиромашни краеви).

После осум години во опозиција ДПМНЕ конечно дојде на власт во Охрид и веќе скоро 2 години ја има целокупната власт во градот.

И покрај тоа што сум политички противник на актуелната власт, сепак како човек очекував  многу повеќе и од Локалната самоуправа и градоначалникот Бакрачески ако ништо повеќе барем заона што најповеќе зборуваа пред избори дека ако градоначалникот е од иста партија, Владата ќе  вложела во Охрид.

Но после 2 години практицирање на власта во Охрид, ништо од најавуваниот инвестициски бум во Охрид (Охрид ќе биде огромно градилиште), ниту во градежништвото, ниту во туризмот, ниту во било која област, а не видов ниту еден посериозен проект кој ги најавуваа (затворен базен, скијачки центар).

Наспроти тоа согледувајќи ја својата немоќ и недостаток на идеи, Локалната самоуправа се дофати до веќе испробаната„калимеро политика“ на владата на РМ. според која сите се криви само не тие кои се најповикани да направат нешто.

Господа од ДПМНЕ, асфалтирањето на постоечките улици и крпењето на ударните дупки кои  патем ги правеа сите градоначалници наназад (само не се сликаа пред нив) не е активност со која треба да се излезе пред јавност. Напротив, од Локалната се очекува многу посериозен пристап  и напредок на сите полиња.

Со крпење на ударни дупки нема да ја задржите младината во Охрид, а исто така ниту со најавата за слободни економски зони во кој платата е 9000 денари. Најпрво што треба да направи Локалната самоуправа е да престане со незаслужената самопромоција, која ја копира од Владата на Република Македонија (многу фалби – слаби резултати), да ги воочи проблемите и изнајде соодветни решенија (кое патем не е лесно).

Да прекине со политички реваншизам и да биде Локална на сите граѓани. Да  примени позитивни искуства од развојот на туризмот. Да изнајде начин да оживее една гранка која згасна во последно време, а од неа живееја поголем број на охриѓани – тоа е градежништвото без при тоа да се наруши културното и природно наследство на Охрид. Да повлече средства од буџетот на Република Македонија (градоначалникот е член  на ИК на ДПМНЕ) и да се вложат во Охрид наместо панорамски тркала од 18 милиони евра.

Ова се само груби црти како да се почне процес на развој на Охрид и согласно тоа да се прекине иселеничкиот бран со кој се загрозува опстанокот на Република Македонија и Охрид.

Господа од Локалната самоуправа, ова се размислувања на многу млади со кои имав прилика да се сретнам надвор од Македонија. За жал, 90% од нив гледајќи како Охрид и Македонија економски и политички пропаѓаат, не ни размислуваат за скоро враќање назад. Одговорноста за оваа состојба е на сите нас ама најповеќе на оние кој ја креираат и локалната и државната политика во последниве 8 години владеење во Македонија.

Костоски Ванчо
Претседател на ВМРО-НП – Охрид

0462opstoweb

** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.

Во вториот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од октомври до декември 2014. година, ќе пишуваат и дебатираат Владо Чингоски, Ванчо Костоски и Никола Митровиќ – Бабе.

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука