Скопје/Струга, 1. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во однос на предметите за градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, извршивме увид во сите предмети, во голем број на предмети, можеби околу четириесетина, од сегашен аспект, со измените на КЗ одредени предмети застареа, немаме конкретна бројка.
– Во моментов, по моите сознанија, се во работа некаде околу десетина предмети во ЈО во Струга, по нив се постапува. Тоа се главно предмети кои се формирани околу 2019 година, 20, 21, 22, 23 година. Има за нив се’ уште рок, имајќи предвид дека е фатен и релативниот рок така што има рок да се донесе конечна јавнообвинителска и конечна судска одлука, изјави Државниот обвинител Љупчо Коцевски во емисијата „Топ Тема“ на Тв Телма.
Тој додаде дека определени кривични дела за овој функционер се застарени, но за предметот со Аудито се стигнало до обвинение.
Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција претходно поднесе обвинение против Mерко за злоупотреба на службената положба според член 353 став 3 од Кривичниот законик. Обвинението е поднесено пред три дена во Кривичниот суд во Скопје, а се однесува за контроверзната набавка на возило „Ауди“ со што е нанесена значителна штета на општинскиот буџет, соопшти шефот на тоа обвинителство, Ислам Абази, на брифинг со новинарите.
Тој нагласи дека обвинението е по иницијативата на Антикорупциската комисија. Максималната затворска казна за ова дело е пет години.
Рамиз Мерко и дел од неговото семејство се наоѓа на црната листа на САД поради корупција. (Крај)
извор: Тв Телма фото: архива