Марија Кочовска е дипломиран психолог кој веќе деветта година работи со децата згрижени во дневниот центар „Добротољубие“ во комплексот на црквата „Свети Великомаченик Ѓорѓи“ во Охрид.
Неуморно им помага на децата со пречки во развојот. Вели „Добротољубие“ е отворено за сите кои имаат потреба од згрижување, без разлика на возраста и пречките во развојот. Децата овде, појаснува Марија во интервју за Супер радио и OhridPress, освен поддршката од психологот, имаат и поддршка од физиотерапевт. Најголемата болка ја доживуваат за време на летниот распуст кога центарот не работи. Тогаш се гледа колку тие сакаат да доаѓаат во „Добротољубие“ и колку ни фалат и нам, вели Марија
Супер радио: Дневниот центар „Добротољубие“ функционира веќе деветта година во Охрид и ги згрижува децата кои имаат пречки во развојот. Како успевте да се одржите безмалку една деценија?
Кочовска: Постоиме веќе девет години. Започнавме како проект, идеја на католичката и православната црква за игуменизација односно соработка заради различните маси на луѓе. Добиваме финансиски средства од Германија на секои три години. Аплицираме со сите наши извештаи за работењето и така ни го продолжуваат проектот, што значи дека се задоволни од нашето работење. Се разбира, дека максимално се вложуваме себеси за да успееме да опстаниме и да го одржиме ова катче за децата кои ги згрижуваме веќе девет години.
Супер радио: Колку финансиските средства што ги добивате Ви се доволни за да опстанете?
Кочовска: Ние одиме на минималец, колку да можеме да се снајдеме. Во целата сума гледаме да ги опфатиме сите полиња, како на пример да се згрижат децата, да ги земеме со возило од дома, да имаат во дневниот центар два оброка, да им организираме поголема екскурзија, да можеме да им помогнеме и на социјално ранливите категории граѓани кога им е потребна помош. Затоа се обраќаме до сите наши сограѓани и тие колку што можат да ни помогнат.
Супер радио: Може да се рече дека децата кои се згрижени во овој центар, тука го поминуваат поголемиот дел од денот. Колку тие и нивните родители се задоволни од престојот?
Кочовска: Децата се презадоволни, а исто така и нивните родители. Половина ден тие го поминуваат во дружба, социјализација, креативност, иновативност. Уживаат едни со други, а и родителите од друга страна имаат повеќе време за другите обврски. Оваа е убава замисла како тие да бидат згрижени и дај Боже да продолжи и натаму овој проект.
Супер радио: Како изгледа еден ден на децата кои се згрижени во дневниот центар „Добротољубие“?
Кочовска: Откако ќе ги земат наутро, доаѓаат овде. Ги послужуваме со чај и разговараме како го поминуваат времето. Потоа имаме оброк околу 9 часот и 30 минути. Потоа имаат половина час одмор, по што физиотерапевт работи на нивните потреби. Тука имаме деца со различни дијагнози, и доколку имаат потреба од некаква терапија, им го овозможуваме и тоа. Следува работа со психологот. Индивидуално се работи, кој колку сака и како сака. Притисок не вршиме, но се трудиме да ги научиме по нешто. Сепак се знае, училиштето е за учење, а ова е дневен центар за згрижување, така што не вршиме никаков притисок врз децата. Имаме компјутери и интернет и со нив доаѓаат и сите нови виртуелни работи, како што е фејсбукот. Тука е нашиот Даниел кој оди на натпревари по шах и годинава во Скопје освои прво место во екипна гарнитура. Многу се радуваме заради него.
Супер радио: Има ли ограничување на возраста на оние кои се згрижуваат во центарот?
Кочовска. Нема никакво ограничување ни во однос на возраста, ниту пак во однос на дијагнозата што ја имаат. Имаме деца со Даунов синдром, со лесна ретардација, со церебрална парализа, имаме лица со епилепсија, аутизам, а од пред две години и едно мало девојче со изгубен вид ни доаѓа во центарот. Немаме никакви ограничувања. Вратите на „Добротољубие“ се отворени за сите, без разлика на хендикепот и возраста. Инаку, во моментов, најстариот ни е 40-годишник со Даунов синдром, а најмалото е седумгодишно слепо девојче. Се трудиме до 13>00 часот денот да им го направиме посреќен.
Супер радио: Освен психологот и физиотерапевтот, кој друг работи со младите кои се згрижени во „Добротољубие“?
Кочовска: Имаме и лица кои се грижат за хигиената на просториите каде што сме сместени, во црквата „Свети Ѓорѓија“, но и лице кои се грижи за нашите оброци.
Супер радио: Колку охриѓани според вас, се хумани, колку тие сакаат да помагаат на децата кои имаат пречки во развојот?
Кочовска: Досега каде и да сме се обрателе, не не’ одбивале. Се помага во секаква смисла. Имаме ден на хендикепирани, така што не посетуваат граѓани и ни излегуваат во пресрет. Се трудиме секоја година да имаме што е можно подобра соработка со локалната самоуправа. Знаете, германската организација која ни ги овозможува донациите бара, нашата држава, нашата локална власт да помогнат со еден дел од финансисите, макар тој да биде и минимален. Така функционираат сите проекти во странство. Настојуваме секоја година да ја продлабочуваме таа соработка и да се оправдаме таму каде што треба, но сепак, кај нас тешко одат нештата.
Супер радио: Што најмногу им фали на децата згрижени во Дневниот центар „Добротољубие“. Еве гледам, имаат по некој компјутер, ама не видов телевизор, а веќе кажавте дека поголемиот дел од денот тие го поминуваат тука?
Кочовска: Во право сте, немаме телевизор. Ни фалат и поудобри столчиња зашто поголемиот дел од времето го поминуваат на овие класични и постари столици. Минатата година апелиравме и баравме да добиеме клима-уред за да ја затоплуваме просторијата, но добивме ќумбе за дрва. Имаме различни потребни. Добредојдени ни е се и компјутери, зашто немаме за сите кои не посетуваат. Скромно, секој може да помогне во рамките на своите можности за да им го направиме подостоен животот на овие наши дечиња.
Супер радио: Не кажавте колкумина се згрижени овде?
Кочовска: Во моментов ни доаѓаат 12 дечиња. Беа 15, но знаете како е во зимскиот период, ни се разболуваат. Инаку сите доаѓаат континуирано веќе девет години откако е отворен дневниот центар.
Супер радио: Веќе ни раскажавте што прават и колку се задоволни децата, но и нивните родители. Вие сте психолог кој неуморно работи со нив, па како изгледа еден ваш ден во „Добротољубие“?
Кочовска: Половина ден од нашиот живот си го живееме заедно веќе девет години. Сме се прифатиле едни со други и сме се соединиле така што функционираме како едно семејство. Имаме разбирање, во првите години кога ќе дојде ново лице, потешко оди прифаќањето и адаптацијата на новата атмосфера, но и тоа помина и сите функционираме како едно. Дури и си недостигаме едни на други.
Преку лето не работиме и затоа нашата дружба за кратко прекинува во мај, а продолжува во септември. Токму тогаш се бараме. Тие имаат огромна желба да дојдат и така всушност се гледа колку ним им значи згрижувањето во дневниот центар, но тоа е така осмислено, со зимски и летен распуст. Ние често знаеме да ги изненадиме и со домашни посети, да поминеме со нив неколку часа заедно, да размениме мислења. Се трудиме да им го разубавиме времето најдобро што можеме.
Супер радио: Вообичаено, на лицата со посебни потреби најмногу им се обрнува внимание на 3-ти декември кога се одбележува Денот на лицата со пречки. Значи ли тоа дека оваа категорија граѓани се уште се наоѓа на маргините на општеството?
Кочовска: Не знам како да ви кажам. Еве се трудат да донесат за нив нови закони, да им најдат соодветно место да бидат социјално интегрирани. Колку ќе се успее, ќе видиме. Би сакала лицата со пречки да бидат да не бидат на маргините на општеството зашто не го заслужуваат тоа.
Супер радио: Интересно е што во духот на христијанството, помошта доаѓа и до православната и од католичката црква? Отец Диме Кочовски беше еден до иницијаторите за отварањето на овој центар.
Кочовска: Да, имаме голема помош од двете цркви. Помагаат на различен начин, дали со пакетчиња, дали со ручек за време на поголемите празници. Отец Диме Кочовски заедно со отец Стјепан Кушан од католичката црква кој за жал е сега покоен, ја дадоа ваквата идеја, ја реализираа и ги згрижија овие дечиња овде. Бидејќи и јас сум од самиот почеток на проектот со овие деца, ќе се трудам да останат работите така како што тие ги осмислија и ги направија затоа што мислам дека тоа е правилниот начин на функционирање. Колку ќе успееме во таа работа, само Господ знае.
Супер радио/А.Р.