Охрид, 11. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Бизнисмени, високи партиски „војници“, полициски службеници, в.д. новинари, локалци, па дури и највисокото градско раководство.
Во овие рамки се движат „типувањата“ на охриѓани за тоа кој се` во Охрид ќе се „изгори“ на „Бомбата“ која лидерот на најголемата опозициска партија СДСМ Зоран Заев ја најави неодамна.
На трибината „Заедно од проблеми до решенија“ што кон средината на декември минатата година ја организираше Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во Охрид, претседателот на оваа партија, Зоран Заев јасно порача дека дел од доказите што ги има СДСМ покажуваат оти изборите во 2013 и 2014 година биле апсолутно криминални.
– Ова што ви се случи во 2013 и 2014 година не е пораз, туку кражба. Кога ќе ги обелодениме доказите ќе видите дека вие сте победници. Но кога ќе слушне Бакрачески како во 2013 година станал градоначалник и како победил, не знам како ќе достои на својата позиција, истакна тогаш Заев.
Охриѓани веќе на големо плетат приказни кои се локалните имиња чии комуникации биле следени во рамките на аферата за прислушување на околу 20.000 граѓани која ја најави Заев. Се споменуваат имиња на поголеми бизнисмени кои испорачувале желби за тоа кој треба да го води градот, високи партиски функционери на двете најголеми партии, вршители на должноста новинари, а секако тука се и највисоките претставници на локалната власт, предводени од Градоначалникот Никола Бакрачески.
Чаршијата во меѓувреме ги плете своите приказни и очекува да види кого се` ќе го ранат „шрапнелите“ на „Бомбата“ на лидерот на СДСМ Зоран Заев. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива