ноември 1, 2017

Охрид, 1. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Според моменталната состојба, ни СДСМ ни ВМРО-ДПМНЕ немаат апсолутно мнозинство во 23 члениот Совет на Општина Охрид.

На локалните избори што се одржаа на 15-ти октомври СДСМ освои 11 советнички места, 10 освои ВМРО-ДПМНЕ и двајца советници се од коалицијата помеѓу ДУИ, БЕСА и Алијансата на Албанците. Клучен фактор во оваа ситуација ќе бидат токму двајцата советници од албанскиот блок.

Носителите на советничките листи и од двата блока велат дека преговорите се во тек, а во наредниот период се очекува да се види кој ќе го има мнозинството во охридскиот совет.

KonstantinGeorgievski–  Охриѓани добија Совет кој секогаш ќе носи одлуки во нивна полза и за доброто на Охрид. Мнозинството во Советот ќе биде на сигурни нозе. Во моментов се преговара со советниците од албанскиот блок, рече советникот од редовите на СДСМ, Константин Георгиевски.

KirilPecakov– Ние како советничка група ќе делуваме во зависност од точките на дневен ред, од работите кои тековно како Совет треба да ги донесуваме. Се што е за доброто на Охрид и за национален инетерс ние ќе го поддржиме, а ќе реагираме и доколку нешто треба да се корегира или критикува. Дефинитивно, важно е да се има мнозинството, меѓутоа течат преговорите, ќе видиме како ќе завршат, рече советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Пецаков

Според градоначалникот Јован Стојаноски, СДСМ како партија која освои најмногу советници, не мора да значи дека ќе го има апсолутниот примат.

JovanStojanoski3– Мислам дека е демократски напредок да градоначалникот работи дури и во средина во која го нема мнозинството на советници или секогаш го има лабилно, затоа што тоа е начин во кој секогаш градоначалникот ќе биде обврзан да ги штити интересите на сите граѓани, а јас дадов свечена заклетва дека ќе бидам градоначалник на сите. Сосема е демократски и сосема е добро за граѓаните да имаме балансиран Совет, да имаме балансирано донесување одлуки за да имаме градоначалник кој ќе работи во интересите на сите граѓани, потенцираше Стојаноски.

По договарањето на мнозинството во Советот, ќе се знае од која политичка опција ќе биде и претседавачот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука