Охрид, 21. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Слатководните краби годиниве наназад стануваат се’ почеста глетка во водите на Охридското Езеро.
Репортерите на Ohridpress синоќа направија фотографија од една, додека беше на „прошетка“ по Градскиот кеј.
Станува збор за краба (Potamon fluviatile) која е широко распространета и освен во Охридското Езеро, се среќава и во слатките води на Италија (особено западна Италија), на Малтешките Острови, на Балканскиот Полуостров (Хрватска, Црна Гора, Македонија, Албанија) и Грција (западниот дел на копното на Грција, јонските острови и западноегејските острови).
Таа е сештојад со широки еколошки толеранции, а возрасните единки за време на нивниот животен век кој трае од 10 до 12 години достигнуваат големина од околу 50 mm. Живеат во потоци, реки и езера каде се засолнуваат под камења или меѓу вегетацијата, или пак се одмораат во јами вкопани во тлото. Најактивни се во периодот помеѓу мај и октомври, по што од ноември до февруари хибернираат во природни засолништа или во јами. Се хранат во текот на ноќта или во вода или на копно со мртви или живи растителни или животински организми (полноглавци, инсекти, мали жаби и риби).
Според еколозите, зголемениот број на крабите е резултат на намалената популација на езерскиот рак, кој годиниве наназад скоро и да исчезна од езерото. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес