Охрид, 30. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Турскиот театар од Скопје вечерва во рамки на фестивалот „Охридско лето“ премиерно ќе ја изведе театарската претстава „Кралот Лир“ од Вилијам Шекспир, а во режија на Диего де Бреа.
Според драмскиот селектор на „Охридско лето“, Зоран Љутков, концепцијата на фестивалот годинава се базира на домашните премиери.
– Многу сум среќен што речиси сите шекспирови текстови имаат странски режисери кои режираат во Македонија. Тие ги направија своите планови да режираат во лето, така што ми беше многу полесно да ги донесам на „Охридско лето“. Да не зборувам дека на сите им е чест да имаат своја премиера на овој реномиран фестивал, вели Љутков.
Заради интимноста што ја има претставата, таа ќе се одигра во затворен простор, на сцената на Центарот за култура во Охрид. Ќе има минимална сценографија, мошне едноставна костимографија, одлични актери и еден од најдобрите балкански но и европски режисери, Диего де Бреа кој е чест гостин на „Охридско лето“.
– Очекувам дека ќе имаме многу силен Шекспир, многу силен Крал Лир иако првпат ќе видиме Кралот Лир да го толкува млад актер зашто во принцип, Кралот Лир има 70-тина години. Овојпат него ќе го игра актер кој има триесеттина години, појаснува драмскиот селектор на „Охридско лето“, Зоран Љутков.
Во театарската претстава „Кралот Лир“ ќе играат актерите Џенап Самет, Несрин Таир, Осман Али, Зубејде Али, Ерман Шабан и Ебру Мусли. Сценографија и костимографија се на Благој Мицевски, а музиката е избор на режисерот де Бреа.
Претставата ќе се одржи во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид со почеток во 21:00 часот. (Крај)
извор: Охридско лето фото: архива