Охрид, 31. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во паркот пред хотелот „Палас“ утре ќе се одржи еко-хепенинг.
Креативниот перформанс насловен „Cirque d’Ohrid“ ќе започне во 19:30 часот, а ќе го отворат неколку циркови артисти на кои ќе им се придружат статисти и со соодветна кореографија ќе ја раскажат приказната на трската. Истовремено, на видеобим ќе се прикажува соодветна и селектирана 15-минутна програма. Перформансот ќе заврши со наратор и краток триминутен еко-филм.
– Целта на овој настан е да се влијае на еколошката свест, особено кај младите, но и сите да се потсетиме на исклучителните природни вредности на Охридското езеро, потенцират организаторите, Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ, ЗУМД ТАКТ и Здружение за заштита на животните и животната средина ЕДЕН, поддржани преку програмата Цивика мобилитас, Фондацијата Хајнрих Бел и Global Greengrants Fund.
Перформансот е воедно и најава за почетокот на новата сезона за Охрид. Туристичката сезона во регион со исклучителни и светски признати природни вредности не смее да трае еден месец. На регионот му е неопходен целогодишен еко-туризам! Неопходни му се помалку туристи кои се спремни да платат повеќе! Регионот е целосно несоодветен за евтин масовен туризам и затоа таквите пакети мора што побрзо да се исклучат од понудата, наведуваат организаторите.
Специјално за настанот се изработени маици со еко-пораки, како и картички од садлива хартија. Маиците ќе се разменуваат за донација од 300 денари, кои целосно ќе се искористат за активностите на Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ. Со секоја донација за маица граѓаните ќе добиваат бесплатно картичка од садлива хартија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива