Охрид, 20. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – СВР Охрид поднесе кривична пријава против Т.М. (25) и А.Ч.(28), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „фалсификување исправа“.
Во текот на јули оваа година, пријавените набавиле фалсификувани – лажни влезни карти за фестивалот „Green beach“ кој требало да се одржи на плажата „Парк“ во Охрид. На 28 јули, иако знаеле дека не се вистинити, двајцата пријавени свесно ги пуштиле влезните карти во оптек и вршеле нивна продажба со поединечна цена од 1000 денари.
Истиот ден, околу 22:20 часот, пред почетокот на фестивалот, од организаторот и одговорните лица, при обид за влез, со службените читачи на бар кодови и холограми биле констатирани вкупно 20 лажни односно фалсификувани влезни карти.
По преземени мерки, СВР Охрид ги идентификува можните сторители а потоа изврши претрес во „Извиднички центар“ Охрид каде пријавените биле привремено сместени. Притоа, пронајдена е една фалсификувана влезна карта за истиот фестивал. (Крај)
извор: СВР Охрид фото: архива