мај 15, 2023

Скопје/Струга, 15. мај 2023 (ОХРИДПРЕС) – Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Скопје поднесе кривична пријава против полициските службеници А.В. и Н.С., вработени во Полициската станица за граничен надзор „Ќафасан“.

Пријавата е поднесена поради постоење основи на сомневање дека првопријавениот сторил кривично дело „примање поткуп“ по член 357 став 1, додека второпријавениот сторил кривично дело „несовесно работење во службата“ по член 353-В став 1 и двете од Кривичниот законик.

– Првопријавениот А.В. на 13-ти мај 2023 година, на Граничниот премин „Ќафасан“ од возач кој управувал автобус со црногорски национални ознаки, за кој не поседувал важечки зелен картон, побарал и примил поткуп во паричен износ од 70 евра, додека второпријавениот, го пропуштил возилото без важечки зелен картон и му овозможил непречено да оствари влез на територијата на Република Македонија. По преземени мерки и активности за целосно расчистување и документирање на кривично-правниот настан, во координација со надлежен Јавен обвинител, полициските службеници се лишени од слобода и изведени пред судија на претходна постапка, од чија страна им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, како овластен предлагач, ќе покрене постапка и за утврдување на дисциплинска одговорност, а полициските службеници ќе бидат суспендирани од работа до завршување на дисциплинската постапка, информираат од МВР. (Крај)

извор: МВР фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука