февруари 17, 2015

Охрид, 17. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Зошто градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ да го продаваат најатрактивно градежно земјиште под Плаошник со почетна цена дури 20 пати пониска од реалната пазарна цена.

– Кој стои зад ваквата срамна бизнис зделка и за чии интереси се оттуѓува најатрактивната градежна парцела во Охрид, запрашаа денеска на прес-конференција во Општинската организација на СДСМ Охрид.

Портпаролот на охридскиот разгранок на СДСМ и секретар на партијата, Александар Кузески, побара веднаш да се поништи објавениот оглас и, како што рече, неодложно да се стопира штетната продажба на атрактивната локација под локалитетот Плаошник.

– Општина Охрид има намера да отуѓи 200 метри квадратни атрактивно државно градежно земјиште, односно да го продаде бадијала, без никакво образложение. За споредба, пазарната вредност при продажба на куќи во тој дел од градот изнесува најмалку 1.000 евра за еден метар квадратен, додека цената на неизградено градежно земјиште се движи над 500 евра за еден метар квадратен. Продажбата се планира да биде извршена на втори март, а почетната цена за еден метар квадратен што го одредила општина Охрид изнесува само 25 евра, изјави Кузески.

Како што додаде тој, општината, наместо да го продава ова атрактивно земјиште на приватни лица за многу ниска цена, може да изгради мултинаменски репрезентативен објект за потребите на градот и граѓаните.

– Градоначалникот Никола Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ за две години не успеаја да реализираат ниту еден од приоритетните капитални проекти што им ги ветија на охриѓани во нивната изборна програма за време на локалните избори. И не само тоа, туку сега почнаа безмилосно да го раскрчмуваат атрактивното државно земјиште во Охрид, под Плаошник, додаде Кузески.

Градежната парцела, на која се предвидува изградба на станбен објект на три ката, е дел од боровата шума под локалитетот Плаошник. Локацијата се наоѓа на левата страна од патот за црквата Св. Јован Богослов Канео, непосредно над куќите во месноста Канео.

opstinaohridnadvor

Со реакција на изнесеното на денешната прес конференцијата на ОО на СДСМ од Охрид излегоа од Општина Охрид.

Во реакцијата од охридската Локална самоуправа им се заблагодаруваат на охридските Социјалдемократи  што денес јавно се заложија да ја промовираат објавата на Локалната самоуправа за отуѓување на градежното  земјиште во сопственост на Република Македонија во стариот дел на градот, со што и тие директно допринесуваат во јавната промоција на привлекување поголем број физички и правни лица да се  пријавуваат на објавата.

– Објавата за отуѓување на градежното земјиште во УЗ 1 блок 1.2,  блок 1.4 и дел од блок 3.4 во Охрид се спроведува по барање на Министерството за транспорт и врски. Градежната парцела е во согласност со Урбанистичкиот план со вкупна површина од 201 м2 и површина за градење од 90,9 м2. Максималната  висина до венец е од 3,9 м и катност – приземје (минус две нивоа). Почетната цена за отуѓување на градежното земјиште со Уредба е пропишана од страна на Владата на Република Македонија и е 1.543 денари по м2 што значи дека креатори на крајната цена би биле пријавените учесници на електронското јавно наддавање. По продажбата на земјиштето 80% од приходите ќе бидат за Општина Охрид, а 20 % за Република Македонија, стои во дописот од Општина Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука