Охрид, 30. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Годинешното јубилејно, 10-то по ред издание на Green Beach Festival ќе се одржи од први до втори август, а и годинава носи имиња кои се врвни во својот сегмент.
Два дена во Струга се резервирани за најголемата журка ова лето, на фестивалската локација кај хотелот „Еуротел“.
– Green Beach Festival се раководи од тоа секогаш да презентира артисти кои прв пат доаѓаат кај нас, кои се екстремно екслузивни и имаат навистина што да покажат. Оваа година како хедлајнер на први август го имаме Paul Kalkbrenner, кој е единствен диџеј и прдуцент кој себе си не се смета за диџеј, туку за артист кој креира сетови во живо, при што секој негов настап е различен и поинаков. Сетавме дека јубилејното издание заслужува да го одбележиме со еден од зачетниците на Берлинската андерграунд техно сцена, рече Илија Куртески, проектен менаџер на Password Production, кој беше денешен гостин во Радио Корнер на Супер радио.
Супер радио: За разлика од лани, годинава се одлучивте Green Beach Festival да ја врати дводневната фестивалска програма. Што ќе донесе престојното 10-то јубилејно издание на фестивалот?
Куртески: Оваа година за Green Beach Festival e јубилејна, а како најголем настан од електронската сцена кај нас, заслужува да се врати во најдобро светоло и со дводневна програма. Брендот Green Beach Festival се раководи од тоа секогаш да презентира артисти кои прв пат доаѓаат кај нас, кои се екстремно екслузивни и имаат навистина што да покажат. Оваа година како хедлајнер на први август го имаме Paul Kalkbrenner, кој е единствен диџеј и продуцент кој не се смета за Dj, туку за артист кој креира сетови во живо, при што секој негов настап и сет е различен и поинаков од другиот. Годинава ги имаме и Adriatique, швајцарското дуо кое во моментов е едно од најактеулните на tech-house сцената, а публиката ќе има извонредна шанса да ужива во нивниот 4 часовен сет.
Супер радио: Од што се раководевте при изборот на артисти за ова јубилејно издание на фестивалот?
Куртески: Според нас, Green Beach Festival е водечки фестивал во Македонија и секогаш водиме грижа да сме чекор напред во изборот на артистите. Paul Kalkbrenner е легендарно име, еден од зачетниците на Берлинската underground techno сцена и сметавме дека јубилејното издание заслужува артист од ваков калибар.
Супер радио: На која локација ќе се одржи годинава фестивалот и од кога се отвораат вратите за посетителите?
Куртески: Среќни сме што се’ уште фестивалот е на Охридското крабрежје, а и оваа година како и минатата тоа ќе се случи во паркот пред хотелот „Еуротел“ во Струга. Вратите се отвораат во 21:00 часот, забавата почнува во 22:00 часот и ќе трае до раните утрински часови.
Супер радио: Кој македонски Dj-и ќе ја загреваат публиката на двата фестивалски денови?
Куртески: Како и секогаш, како локална поддршка ќе го имаме најдоброто од Македонија, односно на првиот фестивалски ден ќе ги имаме Baloski и Flooder, а на вториот Aleksandar Mladenovik и David Krsteski.
Супер радио: За крај она што секако ќе ги интересира нашите слушатели и читатели. Колку чинат и каде можат да се купат влезниците?
Куртески: Дводневите блок влезници чинат 850 денари. Дневната влезница за журката со Paul Kalkbrenner чини 700 денари, а само за забавата со Adriatiqe на втори август билетите се продаваат по цена од 300 денари. Блок VIP влезниците чинат 2.000 денари, а еднодневните 1.200, односно 1.000 денари за вториот ден. Би апелирал до оние кои сакаат да бидат дел од настанот, бидејќи влезниците се во ограничен број да си ги купат што поскоро, а тоа можат да го сторат Online преку продажната мрежа на www.mktickets.com или во Охрид во сите „Тамаро“ маркети.
Супер радио: Пред крај на разговорот би сакале да Ви го честитаме јубилејот 10 години Green Beach Festival, со желба за уште поголем успех во престојните години. Какви се идните планови на Password Production, ќе работите само на тековните проекти, кои се веќе етаблирани брендови и ли можеби ќе се „роди“ и некој нов проект?
Куртески: Благодарам за честитките, навистина сме горди и на сите проекти на кои работиме. Д Фестивал, Таксират и Green Beach Festival се веќе добро етаблирани брендови, во кои целосно ги вложуваме својата енергија и ентузијазам. Годинава беше јубилејна и за фестивалот Таксират, кој ја одбележа 20 годишнината, Д Фестивал следната година ќе го има 10-тото издание. Password Production секогаш работи на нешто ново, но сепак во овој момент не би можел да откријам повеќе детали во врска со идните планови и она што го подготвуваме.
Емисијата Radio Corner се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Sky Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес