април 4, 2017

Охрид, 4. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Кучињата скитници продолжуваат да бидат стандарден декор низ Охрид.

Претпладнево поголем чопор кучиња ја имаше запоседнато тревната површина кај станбените згради во близина на охридската противпожарна единица. Ова предизвика вознемиреност кај минувачите кои ги затекнавме. Потсетувајќи се на настаните изминатиов период, кога имаше дури и смртен случај, жртва на напад од куче, тие прашуваат уште што треба да се случи за да се преземат мерки.

kucinja_2_1_640x360Оваа ситуација не е од вчера, се провлекува години наназад, но никако да се најде излез. Спасот го гледаат во изградба на стационар за згрижување на кучињата.

kucinja_4_1_640x360Во битката за храна, изгладнетите бездомни животни не ретко се движат во група.  Оваа глетка на некој начин како да ни стана нормална. Кучиња се забележуваат и на градскиот плоштад, низ охридската чаршија и низ улиците. Охриѓани се загрижени за својата и безбедноста на своите деца, особено што често пати кучињата се врткаат околу и во училишните дворови.

На оваа тема ги консултиравме и надлежните од Итната медицинска помош. Раководителот д-р Горан Симјановски не информира дека од 15-ти март до денес во службата е пријавен еден пациент каснат од куче, но не се знае дали се работи за домашно или куче скитник.

Овие слики уште еднаш по којзнае кој пат треба да го вклучат алармот кај надлежните, под итно да се преземат мерки, кои патем беа најавени од градските власти уште минатата година. Но, ова докажува дека сеуште не е мрднато со прст за решавање на проблемот. (Крај)

извор: ОхридПрес  фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука