По спроведувањето на екстерното за основците и средношкоците се виде дека ваквиот начин на оценување не може реално да ги оцени ниту знаењата на учениците, ниту пак квалитетот на наставниот кадар.
Ваквото екстерно проверување беше проследено со низа технички пропусти: прашања чии точни одговори се заокружуваат од четири понудени, можност за препишување, учење на памет бидејќи многу едноставно може да се „набубаат“ како што милуваат учениците да кажат одговорите на прашањата кои се даваат цел месец дена.
Со екстерното оценување најмногу дојде до израз принципот за нермноправност. и кај учениците, и кај наставниот кадар.
Учениците се проверуваат на два предмета определени по случаен избор, меѓутоа некои предмети се со поголем неделен фонд на часови и понудени 300 до 400 прашања, а други со помал неделен фонд на часови и понудени 100-200 прашања.
Едни професори оценувани на 5, други на 25, а трети на 50 ученици. Едни наставници рангирани според отстапување од екстерното тестирање на учениците, а други според интерно оценување.
Каде е овде принципот на еднаквост кој е загарантирано уставно право на сите граѓани во Република Македонија?
Отстапувањето на оценките е посебна приказна. Најголемиот апсурд според мене е споредувањето на двете оценки од кои едната е само сумативна бројка од еден екстерен тест, а другата оценка е изведена од низа активности и критериуми со кој преку целата година се мерел квантумот на знаења на ученикот по предметот.
И по толку контрадикторности укажани од страна на наставниот кадар, учениците, родителите, она што најмногу загрижува е фактот дека надлежните во МОН немаат слух за ваквите проблеми. Некој како упорно да сака да удира со туѓите глави во ѕид. Веројатно тоа го прави од немај каде, од инает или самобендисаност бидејќи не сака да ја прифати критиката за лошо поставена политика во водење на образованието во државата.
Згора на се сега упорно се наметнува и екстерно за високото образование, пардон, државен испит како што министерот сега милува да го нарече.
Помина еден студентски марш како опомена, а веќе се случи и втор многу посилен марш овојпат на студенти, средношколци, нивни родители и сите поддржувачи на слободољубивата мисла.
Па господа исфрустрирани „реформатори“ до каде со Вашата „квалитена“ реформа? До каде со екстерното?
Уште колку жртви меѓу солидните ученици и сосема реалните наставници треба да се понесат од овие луди реформи?
До кога учениците со единици во сведителствата ќе добиваат сведителства за завршено одделение?
До кога за учениците од завршните години (матурантите) оцените добиени на екстерно полугодишно тестирање ќе се пресметуваат во успехот на крајот од учебната година?
До кога солидните и строги наставници ќе добиваат решенија за намалена месечна плата за 10% за цела година, кога во законот за работни односи се знае дека паричната казна не може да биде спроведена повеќе од 6 месеци?
И конечно како мислите да го спроведете државниот испит кај студентите?
Кој има право да прави упад во автономноста на универзитетите?!
Кога се случи првиот студентски марш јас реков има надеж, сега овој пат велам навистина има надеж за нашава држава!
Имало луѓе кои знаат да се спротивстават на нешто кое не води кон просперитет, туку само ја потенцира можноста за контрола на сите чинители во образованието од страна на власта. И колку сакате обележувајте со црвено, јас по овие прашања имам свој став:
Ниту учениците, ниту студентите може да ги оцени некој друг освен професорите кои се задолжени да ги научат и потоа преку соодветни педагошки критериуми и инструменти да го вреднуваат нивното знаење. Се’ друго е само воведување паралелизам во работата и ингеренциите на образовните институции и непотребно потценување на капацитетот на наставниот кадар.
Државен испит секако треба да полагаат сите оние кои по волонтирањето на работните места треба да добијат статус на редовно вработен во државните институции.
Приватните фирми се сосема друга работа, тие имаат свои критериуми според кои ги бираат своите вработени.
За квалитет и строги критериуми во училиштата и факултетите ДА, ама за екстерно оценување НЕ!
Жаклина Лазаревска, просветен работник
** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.
Во третиот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од декември 2014. година до јануари 2015. година, ќе пишуваат и дебатираат Жаклина Лазаревска, Тони Симоновски и Катерина Климовска.