Во првата моја колумна за оваа рубрика кажав дека Охрид обврзува на квалитетно образование и се уште стојам на истото мислење.
Верувам дека просветните лица во Охрид се уште стојат на здрави нозе и знаат да резонуваат правилно. Можеби за многу читатели ова мое верување е неосновано и многу наивно, но јас чувствувам, едноставно знам дека просветните лица пред да донесат некоја драстична одлука многу размислувааат за причините кои ја иницирале и последиците кои ќе следуваат после нејзиното спроведување.
Малку контадикторно, зарем не?!
Од една страна кажувам дека замолчивме кога требаше да бидеме најгласни, а тоа е во време пред донесувањето на измените во Законот за основно и средно образование, од друга старна пак сега кога видовме како треба бучно да се реагира на секоја неправда и несоодветно донесена одлука сметам дека неподржувањето на штрајкот и неговото реактивирање во второво полугодие и не е така неочекувана одлука, дури сметам дека е и оправдана.
Оправдана е од причини што просветните работници чувствуваат дека грижата на врвот на СОНК е закаснета, неискрена и многу симптоматично нагласена во време кога се е веќе донесено, спроведено, неиспочитувано. Во Охрид се уште е свежо сеќавањето на негрижата која СОНК ја покажа по непродолжувањето на договорите за работа на шеесетината вработени во основното, средното образование и детските градинки.
Таа негрижа повлече доста големо разочарување и напуштање на членството од СОНК. Дури самата помисла дека никој од синдикатот не мрдна воопшто ни со малиот прст и не го стави тоа во својата агенда ни под точка разно, кај просветните работници ја поттикна само желбата на ваквото раководство да му ја покаже вредноста во вистинскиот момент.
Тој момент сметам дека е овој!
Веќе две години се спроведува за мене катастрофалното екстерно тестирање на основците и средношколците, повеќе од две години просветните работници се натрупуваат со нови и нови обврски, повеќето од нив немаат врска со едукација и воспитание, туку се од техничка природа. Платите никогаш не сме ги зеле до 10-ти во месецот, а наместо најавеното зголемување од 30% за време од три години дочекавме само едно зголемување од 10% и сегашното 4%….и многу други непринципиелни работи кои не само што го бришат договореното во Колективниот договор, туку од него прават неиспочитуван потпишан лист хартија.
Во овие изминати тешки години за просветата се прашувам каде е СОНК?!
И што чекаше толку за да реагира на сите направени злодела врз просветните работници?!
Има уште многу аргументи кои покажуваат дека ниту силата, ниту партиската определба, ниту диктатурата и заплашувањето од некои локални челници врз просветарите немаат толкаво влијание колку што има наталожениот револт и недоверба кон моменталното раководство на СОНК како на локално, така и на државно ниво.
Во целокупнава неповолна ситуација за образованието единствен излез е целосно реформирање на синдикалното здружување и поставување на квалитетни, истрајни, цврсти, непоткупливи личности, односно личности со сопствен интегритет кои ќе бидат целосно посветени во градењето квалитетно образование, кои во себе имаат голема верба и чувствуваат љубов и почит кон својата дејност.
Ако не го направиме тоа, ако нема такви јунаци тогаш заслужуваме и повеќе од ова што ни се случува!
Заслужуваме покрај сите омаловажувања и обврски во нови измени на Законот за основно и средно да се дополни и обврската наставниците во текот на часот задолжително на грбот да бидат натоварени и со по една вреќа песок …. мислам покрај останатите досегашни задолженија… ем да ни е се’ потешко и потешко, ем кога ќе треба нешто да одлучиме да можеме главата да ја пикнеме во вреќата со песок, како ноевите.
Жаклина Лазаревска, просветен работник
** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.
Во третиот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од декември 2014. година до јануари 2015. година, ќе пишуваат и дебатираат Жаклина Лазаревска, Тони Симоновски и Катерина Климовска.