јануари 25, 2015

Поминаа речиси два месеца во кои благодарение на отстапениот простор на OhridPress, преку напишан збор се обидов со охридската јавност да споделам дел од моите размислувања, перцепции, но и да дадам свои решенија на теми поврзани со просветителската дејност.

Се обидов да бидам искрена, јасна и едноставна.

Мојата намера беше што пореално да ја отсликам состојбата на образованието во Македонија која во се е пресликана и на локално ниво. Моите теми во колумните беа иницирани од состојбите и моменталните случувања во образованието. Се надевам дека на читателите им беше пријатно да ги прочитаат, но и да ги анализираат и  продискутираат.

Искрени беа и моите критики за одделни постапки на сите оние кои партиципираат во образованието, од министерот и заменикот-министер, до професорите , студентите и учениците.

Во последната колумна искажав мое мислење за СОНК и сите случувања околу штрајкот и искажаниот револт на просветните работници кое сметам дека  во голема мера се совпаѓа и со мислењето на моите колеги просветни работници од Охрид.

Се надевам дека бев правилно разбрана, дека во моите колумни немав намера некого да навредам туку со силата на аргументите и искуството на долгогодишен просветен работник само да кажам што е добро, а што лошо, како правилно да се насочат размислувањата и заложбите за подобро образование во градот и државата.

Не очекувам дека сите ќе се согласат со моите размислувања, а тоа всушност е и демократско право на сите граѓани да можат јасно, недвосмислено и рамноправно  да ги искажат своите мислења, да спорат по некои теми , но на крај за доброто на сите да донесат најсоодветни решенија.

Уште еднаш голема благодарност за отстапениот простор и поканата да бидам дел од овој циклус од „046 – За Охрид се зборува“, проектот на Супер радио и OhridPress.

Сигурно нема да ми забележите што оваа моја последна колумна ќе им ја посветам пред се` моите колеги професори, каде што впрочем, и јас припаѓам, на поранешните и сегашни ученици од Охридската Гимназија.

Охрид има свој образовен бренд кој од многу поодминати времиња (некаде од пред 100 години) градот го претставува не само во Македонија туку и пошироко во регинот, а тоа секако ќе се сложите со мене е Охридската Гимназија.

Фактот што почетоците на гимназиското образование  во Охрид датираат од првата деценија на минатиот век (20-ти), значи дека во Охрид имаме речиси едновековна гимназиска традиција. Убаво е да се потсетиме на историскиот развој на Охридската Гимназија која за првпат започнала да работи во сегашната зграда од есента 1928 година.

По војната Гимназијата продолжува со нормална работа и со настава, за првпат, на македонски јазик па од тие причини генерацијата матуранти 1945/1946 година, во нашата архива е забележана како прва генерација матуранти-ученици во Гимназијата „Св. Климент Охридски“.

Од тогаш па до денес оваа средношколска образовна институција дала многу еминентни личности, а добро е да се знае дека од нејзините клупи излегле 5 академици, над 100 доктори на науки и уште толку магистри на науки, многу видни и респектирани лекари, професори, економисти, правници, инженери, информатичари, технолози, писатели…

Како поранешен ученик, а потоа и долгогодишен професор во оваа реномирана образовна институција сакам во овој текст со читателите да ги споделам моите најдлабоки чувства за неа. Според мене да се биде ученик, а подоцна и професор во оваа образовно-воспитна институција претставува голем предизвик, чест и одговорност. Како ученик на овој образовен бренд, но, и како професор по информатика, цели 27 години секое влегување и престој во неговите ходници и училници за мене е посебно доживување. Кон секој камен на оваа монументална градба јас чувствувам огромна љубов и почит.

Гимназијата за мене е нешто свето, големо и убаво. Нешто што ме поттикнува да работам со голема љубов и ентузијазам, и секој нов ден како професор на гимназиските ученици да ми е драгоцен и посебен. Работам, просветувам ученици и во нивните животи ги вклучувам компјутерите и сето она што тие му овозможуваат на еден современ човек – да имаат моќно средство за работа и комуникација. Тоа ме прави среќна и исполнета, ме поттикнува да дадам се од себе за да ги исполнам своите завети кои ги имам поставено уште од моите средношколски денови.

Во овој охридски образовен бренд учев јас, учеа и моите деца, а се надевам дека ќе учат и моите внуци и правнуци.

Гимназијата образувала многу генерации, ги надживеала своите ученици. Таа постои повеќе од еден век, се надевам дека уште долго, долго ќе постои и ќе биде пример за квалитетно образование и гордост на нашиот град.

Сите ние кои имаме некакво влијание врз нејзиното функционирање имаме обврска да ја респектираме и при донесувањето одлуки за нејзиното работење секогаш да имаме во предвид дека Гимназијата била и треба да остане ОХРИДСКИ ОБРАЗОВЕН БРЕНД!

Жаклина Лазаревска, просветен работник

zaednicka046 3

** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.

Во третиот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од декември 2014. година до јануари 2015. година, ќе пишуваат и дебатираат Жаклина Лазаревска, Тони Симоновски и Катерина Климовска.

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука