Текстов го пишувам и не можам да се воздржам од сарказам. А сето ова е поттикнато од последниот прес на кој министерот за образование Абдулаќим Адеми и заменикот министер Спиро Ристовски го промовираа новиот пакет од пет законски решенија за образованието.
Замислете тие како луѓе со „големо“ работно искуство во образованието на големо се пофалија со новите реформи кои треба да следуваат со измените на Законот за основно и средно образование.
И уште двајцава „искусни стручњаци“ повикуваат да се развиела широка дебата околу овие реформи, а при тоа политички да не се користеле децата од основното и средното образование, но и студентите.
Замислете која иронија двајца политички поставени министри, без ниту еден одработен ден во образование, тие кои спроведуваат политика на владеачките партии и газат се пред себе, тие се дрзнуваат да иронизираат со тоа кој како треба да реагира на ваквата хаотична состојба која произлезе од сите нивни реформи во обарзованието?!
Наместо да седнат со научната и стручна јавност, со студентскиот пленум и да ги решаваат проблемите, тие со носење на нови закони сакаат да кажат дека се е во ред, продолжуваме понатаму?!
Кажувајќи ги новите предлог – измени толку се убедени во нивната исправност што секое друго мислење ќе го дефинираат како политичко несогласување, атак врз институциите и заведување на деца во политички цели.
Која иронија, кое лицемерие и надменост?
Па еве, господа министри јас си земам право да се произнесам по вашите нови предлози, па ако сакате тоа третирајте го како политичко дејствување, или како мислење на просветен работник со цели 27 години работно искуство во просветата.
Најпрво отворањето Академија за наставници сметам дека е непотребно оптоварување на државниот буџет бидејќи образованието и лиценцата за наставници се добиваат во педагошкиот факултет и наставните факултети, а праксата се добива со работа во образование.
Нели воведовте приправнички стаж за просветарите од цела една година?
Па нели по закон приправниците наставници треба да имаат свој ментор – искусен наставник од образовната институција кој ќе му помага и ќе го упатува во работата во таа наставна година се до полагањето на стручниот испит?
Зошто не поработите на тоа оваа работа да се спроведува правилно, а не формално?
Претпоставувам дека тоа така ви одговара вам зашто избраните вработени мора да имаат партиска книшка која им е единствениот предуслов кој ги довел до посакуваното работно место – просветен работник.
Во насока на подобрување на работата на просветните работници од век и веков постои БРО во кое советниците по соодветните предмети треба да ја одиграат клучната улога за подобрување на квалитетот на наставниот кадар, наставните планови и програми, наставните помагала, инструментите за оценување и учебниците по соодветнот предмет. Каде е во оваа Ваша приказна функцијата на БРО во кое со заминување во пензија на дел од советниците се заменети со партиски млади активисти на кои образованието единствено искуство им е од нивните школски денови, бидејќи сите се директно дојдени од факултет во советничка работна позиција.
Добро е да се размислува за подобрување на критериумите за упис на педагошкиот факултет и наставните предметни факултети. Да се воведе приемен испит, да се проверат психо-физичките можности на кандидатите и при уписот да се изврши задолжително интервју со нив за да се увидат вербалните и морални карактеристики на идните наставници.
Многу работи во образованието имаме наследено како капитал иако милуваме да критикуваме се од минатото. Добро беше да се стават добрите и лошите страни на самоевалуација и по добро направена анализа да се искористат добрите, а заменат лошите со некои кои се преземени од државите со успешните образовни системи.
Да не се брза со воведување реформи заради форма, туку заради суштинско подобрување на квалитетот во образованието.
Да не се мава со туѓите глави во зид само да се спаси сопствената.
За сите реформи треба да бидат прашани искусните просветни работници и научно-истаржувачката академска елита од областа на образованието. Да се седне на заедничка маса со учениците, студентите и нивните родители, стопанствениците и работодавачите за да се видат и нивните размислувања и потреби.
Единствено така може да се очекува реформата да биде успешна и општо прифатлива за сите чинители на образованитето во државата. На начинот на кој се правеа реформите во изминативе години (секој месец во образованието се нешто ново се воведува), непотребно се оптоваруваат наставниците и учениците. А резултатите од тоа барем до сега се еднакви на нула.
Образованието се крои еднаш на 20-30 години, а не секоја година!
Впечатокот е дека ова нема крај и единствена цел е сите да се држат во тензична, заложничка ситуација, а тоа нема врска со добри намери и подобрување на воспитно-образовната дејност.
Еднаш реков: така ќе биде се додека оние кои ја кројат судбината на образованието во државава се пратеници вечити студенти, министри без ниту една година стаж во образование и уште полошо некој кој до диплома дошол под многу сомнителни околости.
Единствен заклучок кој ми доаѓа на памет е тоа дека овие последниве навистина треба да претрпат реформа, па потоа можеби нешто ќе тргне на подобро!
Жаклина Лазаревска, просветен работник
** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.
Во третиот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од декември 2014. година до јануари 2015. година, ќе пишуваат и дебатираат Жаклина Лазаревска, Тони Симоновски и Катерина Климовска.