јануари 24, 2015

Правејќи ретроспектива на настаните кои ја одбележаа годината која измина најчесто ни се наметнува едно прашање: По што најповеќе ќе ја паметиме годината која измина?

Размислувајќи и барајќи одговор на прашањето најпрвин констатирам дека годината која измина  не може да кажам дека ни донесе којзне што. Напротив може со жалење да констатирам дека беше една многу тешка година, во која граѓаните беа многу посиромашни од претходната, а на нивните лица насмевките се повеќе наликуваа на болни гримаси кои ја одразуваа нивната загриженост за својата иднина и иднината на градот.

Се случи најголемата измама за голема инвестиција во Охрид од страна на индискиот бизнисмен – измамник Субрата Рој во која измама партиципираше највисокиот владин врв.

Охрид остана без ниту една позначајна инвестиција која би го придвижила економскиот развој на градот.

Повторно Охрид се најде на врвот на статистичкиот преглед по отселени млади стручни лица.

Во Охрид беше пресликана целокупната лоша ситуацијата на нашата држава.

За обичните луѓе тоа беше година на животаркање, преживување, а не живеење.

Гледајќи малку назад во минатото на секој веќе му станува јасно дека ова што се случуваше во изминатава година , па и сега воопшто не е ни случајно, ни наивно. Значи се е тактички добро испланирано, чекор по чекор правено и сето тоа во функција се’ да биде нефункционално, хаотично.

Сето тоа се случуваше пред нашите очи, а сите ние за „мир во куќата“ го премолчивме и немо станавме соучесници во уништување на се’ што е вредно и чесно, се’ што има квалитет и може да потикне развој.

Дозволивме да живееме во опшетство во кое насилниците се чувари на мирот, неморалните се проповедници на  вера и морал, неработниците и измамниците најголеми работодавачи, а неуките да ја кројата судбината на учените и да бидат  предводници  на реформите во образованието.

Дозволивме да живееме со убедување дека за секој протест мора да има контрапротест, за секој штрајк да има контраштрајк, за секој пленум и контра пленум.

Ако ова е демократското општество, живот и иднина за која поминавме 24 годишна голгота на сурова транзиција, тогаш воопшто и немаше потреба од сите наши одрекувања, страдања, докажувања…

Претходната година најголемите промени ама и потреси беа почувствувани во нашиот обаразовен систем. И не може, а да не констатирам дека сето тоа впрочем беше и направено намерно, како одговор на прашањето:

Како најдобро може некој да го уништи сето она што генерации во минатото го создавале?

Со уништување на најважниот темел на општеството, образованието, како би излегувале што позаостанати, понеедуцирани генерации. Така со затупување на народот би можеле тие неколку „избраните“ да владеат до бесконечност.

Најпрвин се почна со „квалитетни“ реформи во основното, потоа во средното, па сега му дојде редот на високото образование.

Ако нешто ја одбележа годината што мина, тоа се големите „квалитетни“ реформи во образованието преточени во нови законски решенија кои на нашето образование му го менаа личниот опис, за да сите ние кои партиципираме во образовниот систем бидеме обезличени.

Обезличени се наставниците, професорите, научниците, а најголемо обезличување е направено на учениците. Наместо да учат и да научат тие се борат за бројка до која за да се дојде не се бираат начини.Таа бројка наместо да го вреднува нивното знаење сега го вреднува нивното снаоѓање во дадена ситуација. Се препишува, се нагаѓа, се поткажува и чест на исклучоците се користат секакви средства како би се добила поголема бројка.

Користам термин бројка, а не оцена бидејќи за да биде оцена во воспитно-образовниот систем таа треба да претставува мерило извлечено од квантумот квалитетни знаења со кој ученикот се здобил во текот на наставниот процес.

Не би можела, а да не се запрашам како можевме да дозволиме работите да одат во ваков несакан правец?

Зошто уште на почетокот на најавувавните измени на Законот за основно и средно образование, ние просветните работници „мудро“ молчевме и дозволиме нашиот труд да биде толку многу критикуван , нашата работа обезличена и неценета?!

Зошто при првиот ден на екстерното тестирање иако знаевме дека 90% од училиштата не успеја да ги испратат моменталните одговори на учениците, а потоа аминистраторите ги меморираа на USB и ги пратија како фајлови, а не како моментални online одговори, кога сликите по предметот ликовна култура не се отвараа, а требаше врз основа на тоа да се одговара , графиците по математика воопшто не се појавуваа и многу други недостатоци, едноставно ЗОШТО молчевме?

Значи вината ја гледам не само во власта, таа направи така како што си зацртала. А ние просветните работници молчевме или тивко во своето опкружување бруевме за недоследностите кои од почетокот до крај го пратат  фамозното екстерно тестирање.

Молчиме и сега кога на ѕидот на срамот на веб страната на МОН јавно беа објавени имиња на наши казнети колеги кои треба од овој месец, па цела 2015 година да примаат плата намалена за 15%.

Ако се беше како треба, тогаш и не е лошо да се види кој работи, а кој не работи во образованието. Ама сето ова е една голема заблуда, за што говорат многу факти, а дел од нив сакам да ги споделам со јавноста.

Едни колеги минатата 2013 година беа казнети, за да сега истите тие за 2014 година се наградени ама дистанцата на објавување на двете ранг листи не е за време од една година, зашто тие беа објавени една по друга во време од  еден месец. Па се прашувам како тие колеги одма без никаква стручна помош и советување, од лоши оценувачи, преминаа во одлични оценувачи?

Уште еден податок кој говори за небулози е колешка која предава во основно и надополнува во средно образование, на едната ранг листа е наградена, а на другата казнета.

Па се прашувам како може иста личност да биде во иста учебна година и казнета и наградена?! Дали таа е лош или добар оценувач?!

Оваа година се случи и нова наставна Кембрич програма во основните училишта. Се прашувам зошто колегите во основното не ги истакнаа гласно големите проблеми на кои наидуваат при реализација на ова Кембрич програма ?!
Зошто и родителите кои дома мака мачат со своите мали деца гласно не го искажаа својот револт , туку тоа го искажаа само на одржаните родителски средби?

За годинава што измина во образованието имаме многу прашања од типот ЗОШТО!

Единсвена светла точка во обарзованието на крајот од годината на големи „реформи“ во образованието беа студентските протести за измените во Законот за високото образование. После се’ што се изнагледавме и изнаслушавме во изминатава година по мене студентите и нивните ставови се дефинитивно најпозитивната работа што ни се случи.

Навистина само тие го положија екстерниот испит на доследност, цврстина, солидарност и најважно останаа неизвалкани во целава ситуација.

Студентите во својот протест не се борат за себе, тие се борат за квалитетни решенија на идните студенти. Значи не подлегнаа на убедувањето на власта дека за нив ова не важи, туку за идните студенти.

Браво!

И денес во осмиот ден од Новата 2015 Година, тие, студентите за сите нас се пример и симбол за надеж, дека има кој сака образованието и нашата иднина да ги насочи кон вистинската цел, тие се симбол на искрени и паметни градители на иднината на државата.

Ако се гледа по првите денови на годината, студентското цврсто НЕ за преговори на нешто што веќе се знае дека народните избраници ќе го подражат, значи тогаш навистина во оваа година има на што да се надеваме.
Дефинитивно има  кој храбро да се спротивстави на лошото!

Дефинитивно има во што да се верува, да се очекува нешто да тргне напред , да се промени настанатата ситуација , паметните и квалитетните повеќе да не мудруваат со молчење и оваа година да биде многу, многу поуспешна од предходната.

Македонија заслужува и ќе има посветла иднина, ама неа треба да ја градат најчистите, најдоследните борци за правда, младите…

Жаклина Лазаревска, просветен работник

zaednicka046 3

** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.

Во третиот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од декември 2014. година до јануари 2015. година, ќе пишуваат и дебатираат Жаклина Лазаревска, Тони Симоновски и Катерина Климовска.

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука