Охрид, 23. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Обединетите нации кон крајот на 2017 година го прогласија 23-ти септември за Меѓународен ден на знаковниот јазик.
Целта е да се подигне свеста за значењето на знаковниот јазик како човеково право на глувите и наглувите лица, со што пристапот до знаковниот јазик и услугите на знаковен јазик, вклучително и квалитетно образование, е од витално значење за растот и развојот на глувото лице и ја препознава важноста на зачувување на знаковните јазици како дел од јазичната и културната разновидност. Во нашата земја се користи македонскиот знаковен јазик, како јазичен систем за комуникација на глувите и наглувите лица. Македонската знаковна азбука може да биде изведена со една или со две раце, движења на главата, фацијална експресија, движење на устата и со движење на телото.
– Употребата на знаковниот јазик во Република Македонија, за жал, се’ уште не е на задоволително ниво. А, што се однесува до медиумската застапеност, условите се значително подобрени. За целосна интеграција на глувите лица во општеството, неопходно е понатамошно унапредување на ресурсите и поддршката за знаковниот јазик во медиумите. Според проценките, во Република Македонија постојат околу 6.000 глуви и наглуви лица, што ја нагласува важноста на овие иницијативи, вели во интервју за Супер радио и OhridPress Лора Лазаревска, која полни 15 години работи како толкувач на знаковен јазик.
Додава дека само преку силна и конзистентна институционална поддршка можеме да сме сигурни дека глувите и наглувите лица ќе добијат еднакви шанси за учество и развој во нашето општество.
OhridPress:
Знаковниот јазик е јазик со кој меѓусебно се разбираат лицата со оштетен слух, односно е природно средство за комуникација меѓу овие лица и други физички и правни лица кои имаат потреба од комуникација. Кога за прв пат се стекнавте со овој јазик и како започна приказната?
Лазаревска: Мојата прва средба со глувите и наглуви лица и со знаковниот јазик заопочна пред дваесет и две години. Меѓусебната емпатија што ја почуствував во тој момент беше клучниот фактор да бидам дел од Сојузот за глуви и наглуви. А со тоа се појави желбата и потребата да го научам и применувам знаковниот јазик.
OhridPress: Дали сите корисници на знаковен јазик се глуви или наглуви лица или и членови на нивните семејства? Постои ли само еден универзален знаковен јазик?
Лазаревска: Доколку во едно семејство има лице со нарушен слух и говор, останатите членови често се прилагодуваат и го учат знаковниот јазик. Ова го прават со цел да го олеснат процесот на комуникација, не само во домашни услови, туку и во поширокото социјално опкружување. Така, знаковниот јазик станува мост кој го поврзува семејството и им овозможува поинклузивен и хармоничен живот. Секоја држава користи сопствен национален знаковен јазик, слично како што има свој уникатен говорен јазик.
OhridPress: Дали постои стандардизирана форма на знаковните јазици, или како во говорните јазици, постојат различни „дијалекти“?
Лазаревска: Кога станува збор за знаковниот јазик не можеме да го класифицираме како дијалект, туку како стар и нов знаковен јазик. Овие не се драстично различни, освен што новиот обемно се збогатува со нови знаци, што води кон општо проширување и развој на самиот јазик. Со ова, знаковниот јазик станува поизразен и посилен инструмент за комуникација, за луѓето кои го користат.
OhridPress: На кое ниво е употребата на знаковниот јазик во Република Македонија. Се користи ли доволно на медиумите и колку лица во државата имаат потреба од ваков јазик?
Лазаревска: Употребата на знаковниот јазик во Република Македонија, за жал, се’ уште не е на задоволително ниво. А, што се однесува до медиумската застапеност, условите се значително подобрени. Во моментов, речиси секој телевизиски медиум, вклучуваќи дневници и одредени емисии, нудат толкувач на знаковен јазик. Сепак, на глувите лица им недостасуваат тилтови, што би им овозможило ефективно и редовно да ги следат сериите. За целосна интеграција на глувите лица во општеството, неопходно е понатамошно унапредување на ресурсите и поддршката за знаковниот јазик во медиумите. Според проценките, во Република Македонија постојат околу 6.000 глуви и наглуви лица, што ја нагласува важноста на овие иницијативи.
OhridPress:
Кажете ни нешто за Вас. Колку време работите со знаковниот јазик, каде работите и каква е состојбата во Охрид. Имате ли поддршка од соодветните институции?
Лазаревска: Веќе петнаесет години го толкувам дневникот приспособен за лицата со оштетен говор и слух на ТВМ телевизија, кој е меѓу првите медиуми во државата што ја увидоа потребата да вклучат толкувач на знаковен јазик. Што се однесува до инстутиционалниот аспект постои итна потреба од подобрување на дијалогот помеѓу институциите и зајакнување на механизмите за поддршка, кои ќе овозможат интеграција на глувите лица во сите аспекти на општествениот живот. Само преку силна и конзистентна институционална поддршка можеме да сме сигурни дека глувите и наглувите лица ќе добијат еднакви шанси за учество и развој во нашето општество. Сосема за крај, сакам на сите лица со оштетен слух да им го честитам денешниот ден, 23-ти септември, Меѓународниот ден на знаковниот јазик. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива