Денот на дрвото.
Засади ја својата иднина!
Многу убава порака, воспитна (и практично) полезна активност, ама како се спроведува во пракса? Како е спроведена со учениците во училиштата – со оние кои од најмала возраст треба да учат да ја засадуваат својата иднина и каков пример им даваат возрасните кои треба да ги воведат истите во градењето на иднината?!
Имаме идеи, правиме нешто ама дали тоа добро сме го осмислиле?
Најмногу 2-3 автобуси по училиште кои ги носат учениците до местото што треба да се пошумува, изгубена настава за сите во тој ден, а која ќе треба да се надополни со 100% реализација.
Едни одат и сосема коректно ја спроведуваат акцијата, други пак одат ги засадуваат, а потоа ги газат претходно посадените дрвца, а трети пак воопшто не се појавуваат на акцијата.
Кој знае што се случува потоа со засадените дрвца?
А сето тоа би можело многу успешно да се реализира во училиштата во текот на целата учебна година. Би можеле да засадиме толку дрвца колку што секое училиште има ученици и наставен кадар. Ако на секое училиште и секој клас му се поделат садници и му се определи место каде треба да бидат засадени, тој клас заедно со класниот раководител треба да се задолжат за следење на растот на тие дрвца. Значи, не само да се засадат садниците туку периодично да се оди и да се следи како тие напредуваат и дали има потреба за пресадување.
Замислете клас со 27 ученици и еден класен раководител и секој да се погрижи во текот на учебната година да засади свое дрвце на дадено парче земја и да овозможи успешно растење на својот насад.. Така ем акцијата ќе биде многу успешна, ем на учениците покрај задолжението за засадување да им се наметне и чувството за одговорност таа да биде успешна. Одговорноста ќе повлече љубов и гордост дека со засаденото дрво се засадува и иднината, а иднината подразбира убава, чиста околина, но и одговорност и заштитнички однос кон неа.
Замислете како овие ученици ќе се чувствуваат кога после неколку години на тоа место ќе ги гледаат убавите стројни дрва кои секогаш ќе ги потсетуваат на нивните школски денови, на нивната успешно извршена задача, на нивното учество во градењето на својата , но и иднината на градот.
Ако дрвото е симбол на животот, а акцијата за засадување на дрвата – симбол на градењето на иднината, тогаш организаторите мора кон таа активност да имаат многу посериозен пристап во нејзиното спроведување. Така, впрочем, треба да се постапува и со сите активности преку кои ја градиме својата иднина, иднината на нашите деца, иднината на нашиот град и нашата држава.
Жаклина Лазаревска, просветен работник
** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.
Во третиот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од декември 2014. година до јануари 2015. година, ќе пишуваат и дебатираат Жаклина Лазаревска, Тони Симоновски и Катерина Климовска.