Охрид, 2. јуни 2021 (ОХРИДПРЕС) – Буџетот на општина Охрид е реализиран со само 6% во делот на капитални расходи, 4% за социјални надоместоци и дури 40% од предвидените средства за оваа година да се трансферираат до невладините организации, реагираат од локалниот огранок на партијата Левица од Охрид.
– Без никаков отчет и транспарентност за реализираните проекти, ефектите од истите, критериуми за доделување на проекти – локалната власт парите на граѓаните ги троши за подмирување на своите одработувачи. Наместо да се изврши пренасочување на сите материјални и финансиски средства за борба против урбаната мафија и анулирање на сите негативни делови од извештајот на УНЕСКО, за таткото на градот очигледно поважно е да се подмират средствата кон невладините организации во целост пред одржување на локалните избори, бидејќи тие истите се основен двигател на креирањето на нереална слика за наводната успешност на политиките на локалната и централната извршна власт. Овој неморален и нелегитимен чин укажува на расипничкото трошење на буџетските средства, во ситуација кога расте и јавниот долг на државно ниво, дотолку повеќе што активизмот, односно она што треба да биде активизам, борба за решавање на проблеми на овој начин се претвoра во чист бизнис на невладините организации, за сметка на сиромашниот народ. Со ваквото недомаќинско и непрофесионално работење на градоначалникот Константин Георгиески, преку кое се занемаруваат интересите на обичните граѓани за сметка на партиските и лични интереси се рушат основните цели на локалната самоуправа како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, реагираат од партијата. (Крај)
извор: Левица фото: архива