Охрид, 3. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Деновиве жителите од охридското село Климештани алармираат за сериозните проблеми кои ги причинува каменоломот во ова село, кој е во владение на познатиот локален шериф од ДУИ, Нефи Усеини, реагираат од партијата Левица.
– Неконтролираната прашина што ја создава каменоломот не само што го загадува воздухот и го загрозува здравјето на луѓето, туку и директно влијае на квалитетот на земјоделските расади, од коишто зависи голем дел од животната егзистенција на мештаните. Дополнително, уништувањето на селскиот пат од тешките камиони е уште еден проблем за локалното население. Иако компанијата има преземено обврска да го одржува патот, очигледно дека договорот не се почитува. Револтот на жителите од селото Климештани расте и истите не ја исклучуваат можноста за протести и блокади. Левица алармира надлежните институции веднаш да излезат на терен и да констатираат дали компанијата на Нефи Усеини врши експлоатација во согласност со законските параметри. Правото на здрава животна средина е неприкосновено и не смее да биде нарушено поради бизнис интересите на локални моќници, стои во дописот до медиумите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес