октомври 3, 2022

Скопје/Охрид, 3. октомври 2022 (ОХРИДПРЕС) – Од партијата Левица најавија иницијатива за забрана на новоотвореното Здружение „Цар Борис III“, откако претходно беше поднесена иницијатива за забрана на Здружението „Иван Михајлов“ во Битола.

– Слободата на здружување на граѓаните како уставно загарантирано право има свои јасни граници со цел спречување на насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост. Основањето на здруженија со назив „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис III“, е директно насочено кон насилно уривање на уставниот и државен поредок на Република Македонија, а особено кон разгорување наа национална омраза, реагираат од партијата.

Додаваат дека борбата и победата над фашистичкиот окупатор е дел од европската култура и историја. Воздигнувањето на вакви личности е опасен тренд кој треба под итно да биде спречен во Македонија.

– Владата и институциите се слепи и глуви за оваа опасност и не ја спречуваат. Министерот за правда Никола Тупанчески најави одредена Комисија како ад хок тело кое ќе делува меѓуресорски, и ќе дава мислење за карактерот на историските личности. Во изјавата на Министерот не дознавме на кој начин таа ќе се основа и кои ќе бидат нејзините надлежности. Очигледно е дека оваа изјава е во насока на смирување на македонската јавност која е особено вознемирена и постојано реагира на вавкото подло и тенденциозно наметнување на фашизмот во нашето секојдневие. Очекуваме реакција од Јавното обвинителство и останатите државни органи за постапување и спречување на овој опасен тренд на наметнување и воздигнување на докажани фашистички дејци и државници на окупаторски држави, за кое реагираше и еврејската заедница во Македонија, реагираат од партијата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука