Охрид, 1. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Неспособната локална власт на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот, д-р Кирил Пецаков, на сред економска криза повторно удира по тенкиот буџет на охриѓани, реагираат од локалниот огранок на Левица од Охрид.
– Откако ЈП „Градски гробишта“ Охрид ги покачи цените на гробните места во христијанскиот и во муслиманскиот дел, со што гробните места во Охрид се најскапи во Македонија и покачување на цената за одржување на гробните места, директорот на ЈП „Водовод“ Охрид и градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, поднеле барање до Регулаторна комисија за покачување на цената на водата. Според информацијата водата ќе биде поскапа за 70%, иако оваа одлука не била изгласана од страна на Управниот одбор на ЈП „Водовод“, со што најверојатно охриѓани ќе треба да ги финансираат нивните партиски вработувања, реагираат од партијата.
Додаваат дека водата е од суштинско значење за нашиот опстанок и рамнотежата на водата е круцијална за одржување на хомеостаза и токму затоа превработеноста во ЈП „Водовод“ и долговите со вртоглави милионски цифри што се резултат на лошото менеџариње низ децениите наназад не се решаваат со поскапување на водата.
– Доколку директорите на Јавните претпријатија, како и градоначалникот Пецаков, не се способни да се справат со економската криза тогаш нека си поднесат оставка. Неспособните и корумпирани политичари мора да превземат одговорност, а не цената секогаш да ја плаќаат само граѓаните на Охрид, апелираат од Левица ЛО Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес