Охрид, 24. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, оваа година не го распиша традиционалниот награден ученички литературен конкурс за најдобра ликовна творба, по повод 24-ти мај, реагираат од Локалниот огранок на партијата Левица од Охрид.
– Свети Кирил и Методиј се солунски браќа кои станале мисионери на христијанството помеѓу Словените во Голема Моравија и Панонија. Преку нивната дејност тие влијаеле врз културниот развој на сите Словени. Ја напишале првата словенска азбука, глаголицата, која била прилагодена на јазикот на Словените. По нивната смрт, нивната дејност ја продолжуваат нивните ученици. Константин Георгиески јавно мора да им образложи на охриѓани зошто со укинувањето на литературниот конкурс го негира ликот и делото на светите браќа? Дали добил директива од неговата матична партија, СДСМ и од нивниот лидер, Зоран Заев – во пресрет на најавеното анонимно решение за спорот со Бугарија? Дали и оваа негаторска постапка на охридскиот градоначалник е во контекст со бришењето на македонската историја и култура, под притисок на шовинизмот на официјална Софија? Периодов сведочиме засилена дипломатска офанзива од страна на ЕУ за решавање на спорот со Бугарија, а како што изјави министерот за надворешни работи – Бујар Османи, веќе е добиен предлог од страна на Португалија, кој Владата го прифатила, без никаква транспарентност пред јавноста! Ваквите (навидум) изолирани постапки на власта, се само дел од целокупниот процес на редефинирање на македонската нација и нејзината државотворност – процес кој насилно и агресивно го спроведува социјал-демократска власт, со што се понижува и бриши 70 години крвава борба за национална и социјална слобода на македонскиот народ, реагираат од партијата. (Крај)
извор: Левица фото: архива