Охрид, 31. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Деновиве се случи преседан во високото образование. На студентите од Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид им било посочено дека со присуство на трибина за НАТО, организирана од Министерката за одбрана на Република Македонија, ќе добијат екстра поени што ќе им служат во формирањето на оценката, обвинуваат од младинскиот огранок на партијата Левица од Охрид.
– Научно-стручната дебата која вчера ја водела Министерката Славјанка Петровска со професорите и студентите била на тема: „Клучни предизвици за сајбер одбраната на Република Македонија – можности по членството на НАТО“. На настанот се презентирале можностите за студентите и професорите на НАТО Фондот „Наука и мир“. Според фотографиите и изјавите што ни ги испратија дел од студентите на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ јасно се гледа дека Проректорката и професорите бараат да бидат присутни сите студенти што помасовно и задолжително. Црвена Младина – Охрид смета дека преку оваа постапка најдиректно се поткупуваат студентите и овие чекори се уште еден доказ дека „цвета“ корупцијата во самиот универзитет. Преку ваквиот начин на функционирање на образовниот систем паѓа довербата кон институциите, не само од страна на студентите, туку и од страна на обичниот народ, стои во дописот на Црвена Младина на партијата Левица од Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес