јануари 13, 2020

Охрид, 13. јануари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Деновиве во градот на цивилизацијата сведоци сме на свирепи и нецивилизирани слики од отруени животни на секој чекор, реагираат од Локалниот огранок на партијата Левица од Охрид.

– Иако со години локални волонтери алармираат до властите да се преземат хумани и ефикасни мерки за редуцирање на бројот на бездомни животни, неспособноста и корумпираноста на политичките елити придонесоа овој проблем да се решава со дивјачки методи кои го загрозуваат животот и на жителите на Охрид. Веќе еден месец активисти и граѓани алармираат за отруени домашни и бездомни животни во очигледно координирано труење, додека локалната власт предводена од Константин Георгиески срамно молчи! Да потсетиме, се работи за отрови кои се смртоносни и за луѓето и чие фрлање претставува кривично дело за кое е предвидено казна затвор. Со оглед на фактот дека ниту еден сторител низ годините не е санкциониран – или локалните власти немаат контрола што се случува во општина Охрид или самите се директни учесници во свирепото труење. Од најавените ветувања од страна на СДСМ, како отворањето на Мауцкер, субвенционирање стерилизации и кастрации, едукација за одговорно сопствеништво и казнување на сопствениците кои ги напуштаат своите миленици – ниту едно не е исполнето! Ја повикуваме локалната власт од СДСМ, СВР Охрид и градоначалникот Георгиески да излезат пред јавноста и да презентираат реални резултати за санкционирање на координираните трујачи. Во спротивно, доколку и овој пат ниту еден сторител не е откриен, ќе се потврдат сомневањата дека зад координираните нецивилизирани труења стои локалната власт на СДСМ, стои во дописот до медиумите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука