јули 14, 2017

Охрид, 14. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во охридското училиште „Братство и единство“ деновиве се реализира мини летна академија на тема обновливи извори на енергија, наменета за средношколци, а како предавачи беа охриѓани, кои се познати и признати доктори на науки во САД.

Учествуваа 14 средношколци од охридската гимназија, електромашинскиот училишен центар и  „Јахја Кемал“.

Академијата се спроведе по иницијатива и организација на „Проектот за македонски училишта“ лоциран во Портланд, Орегон, САД. Организатор од таа страна е основачот на организацијата за поддршка на македонските училишта, Том Лајнам, а од наша страна за организацијата се грижат професорките Емилија Паункоска и Весна Терзиоска.

Вакви предавања во Охрид, со учество на еминентни професори, се одржуват од 2011/12 година во просториите на ОУ „Братство и единство“.

Годинава предавач беше охриѓанецот проф.д-р Стефан Стефаноски кој повеќе години работи во САД како професор по физика, а се заинамва и со научно-истражувачка работа применувајќи ги своите знаења од полето на физиката. И покрај неговиот талент, морал да замине за САД и да ги продолжи своите докторски студии, за што добил целосна стипендија.

rabotilnicabratstvo3

– Со овие млади луѓе разговаравме за сите алтернативни извори на енергија кои се барем во фокус на научно остражувачката дејност, како соларната енергија, климатски промени и ефекти на конвенционалните енергетски ресурси врз природата, рече Стефаноски.
Денес беше последниопт ден од академијата, а акцентот беше ставен на био горивата. На покана на Стефаноски, предавач беше неговиот колега Филип Станковиќ,докторант по биогорива, исто така по потекло од Охрид.

Тој пред средношколците презентира дел од својата работа,  ги воведе во оваа тематика, биогорива,  кои како погонско средство се незаменливи во авијацијата и во големите транспортни бродови.

rabotilvicabratstvo2

И двајцата предавачи беа воодушевени и фасцинирани од интересот кај младите луѓе за оваа тематика.

– Работат на проекти кои се многу понапредни во однос на нивната возраст. Поединци од овие амбициозни млади луѓе дури имаат и желба да студираат на овие теми, додаде Стефаноски.
Како заокружување на академијата, во понеделник учесниците ќе имаат презентација на теми кои се во нивни интерес, а поврзано со обновливите извори на енергија, климатските промени… Целта е да им се даде можност да се обидат да ја користат научната терминологија во говорен јазик, да се обидат да објаснат некои од овие феномени на англиски јазик. (Крај)

извор: ОхридПрес   фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука