Охрид, 19. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Исклучително топлото време ја продолжи туристичката сезона во Охрид, најголемиот туристички центар кај нас.
Кон средината на месец август градот веќе по традиција полека се празни, но за среќа тоа не е така ова лето. По плажите викендов се бараше место повеќе, а на дел од нив буквално немаше место каде да се стави крпа.
Метеоролозите најавуваат уште една исклучително топла недела, што ќе направи да имаме уште десетина дена исполнети со гости.
Раздвижено е и навечер по Кејот и чаршијата, а редовно се бара место повеќе во најпопуларните кафе барови и ресторани. Меѓу гостите доминираат гостите од Полска, Холандија и соседните Србија и Бугарија. Тука се секако и домашните гости, од кои доминираат оние кои имаат сопствени станови – „туристичката болка“ за која тешко дека ќе се најде соодветен лек.
Доколку ваквото убаво време се искомбинира со соодветна понуда, која и тоа како недостасува во градот, доколку се изземе Илинденскиот викенд, Охрид конечно може да се приближи до толку посакуваното продолжување на сезоната. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Gradiste 2-Summer Beach Club