јули 17, 2019

Охрид, 17. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во Куќата на Уранија во Охрид, вечерва ќе биде отворена изложбата на Мајкл Клос, канадски и светски уметник со македонско потекло.

Изложбата која е во рамките на најновата македонска, летна турнеја на Клос, ќе ја отвори градоначалникот на општина Охрид, д-р Константин Георгиески, како дел од „Научната и уметничка визита – Охрид 2019“ на МАНУ.

Изложбата, ќе трае до 24-ти јули, а потоа, исто така, како проект на општина Охрид, ќе биде формирана нова институција – постојана изложбена и продажна Галерија. Просторните и други потребни предуслови ги обезбедува градот Охрид, додека големиот уметник и хуманист, Мајкл Клос, уметничките дела, ги дарува без надоместок, со единствена со желба и барање, со собраните средства, да се стипендира еден студент од Охрид.

Мајкл Клос, дел од своја оставнина, како писма, документација и други архивски материјали сврзани со неговиот живот и дело, веќе пренесе во сопственост на Република Македонија. Станува збор за многу оригинални документи, дневникот што го водел во три книги, слајдови, каталози, писма до светски лидери со кои лобирал за признавањето на Република Македонија под уставното име, како и една колекција цртежи и слики на платно. (Крај)

извор: Веле Митаноски фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука