јуни 27, 2019

Охрид, 27. јуни 2019 (ОХРИДПРЕС) – Од денес до 29-ти јуни, во Охрид, во Куќата на Уранија (МАНУ), се одржува Работилница на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика, при МАНУ, како прва активност од традиционалната манифестација „Научна и уметничка визита на МАНУ – Охрид 2019”.

Работилницата ќе работи секој ден, со почеток во 11:00 часот и е отворена за сите заинтересирани колеги, но и граѓани, соопштија од МАНУ. Ќе се разгледуваат методите на обработка на дијалектни атласи, теоретските и методолошките поставки на дијалектолошките истражувања, современата состојба на македонските дијалекти, а ќе се дискутира и околу концепцијата за изработка на дескриптивна граматика на македонскиот јазик.

Денеска, на првиот ден, беше извршена Презентација на работата врз Лингвистичкиот атлас на македонските дијалекти (според материјалите на ОЛА) – Истражувачки центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ – МАНУ.

За утре, петок е предвидена Презентација на работата врз Македонскиот дијалектен атлас – Одделение за дијалектологија, Институт за македонски јазик „Крсте П. Мисирков, а во сабота, на 29-ти јуни Дискусија околу концепцијата за изработка на дескриптивна граматика на македонскиот јазик.

Во рамките на летните активности на МАНУ, на истото место, во Куќата на Уранија во Охрид, на манифестацијата „Научна и уметничка визита Охрид – 2019“, ќе се одржуваат научни средби, изложби и промоции на членовите и центрите на МАНУ. (Крај)

извор: Веле Митаноски фото: Веле Митаноски

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука