Охрид, 10. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во чест на Денот на Свети Климент Охридски, патронот и заштитник на Охрид, Општина Охрид распиша литературен конкурс за најдобра поетска творба.
Темата на конкурсот треба да се однесува на Охрид и животот и дејноста на Свети Климент Охридски.
Право на учество имаат сите редовни ученици од основните и средните училишта на подрачјето на Општина Охрид.
– Предвидени се три први награди за најдобра поетска творба во три различни категории: за ученици од одделенска настава (од прво до петто одделение); за ученици од предметна настава (од шесто до деветто одделение) и за ученици во средно образование (од прва до четврта година).
Износот на наградата за првата категорија е 2.000 денари; за втората 3.000 и за третата 4.000 денари. Изборот на најдобрите поетски творби ќе го направи тричлена жири-комисија, формирана од Градоначалникот на Општина Охрид, стои во конкурсот.
Творбите во три примероци, во затворен плик, под шифра, треба да се достават најдоцна до 30-ти ноември на адреса:
Општина Охрид, ул.„Димитар Влахов“ бр. 57 (со назнака: За Конкурсот за наградени творби и со наведена категорија за која се конкурира). Авторството се докажува со четвртиот примерок.
Наградите ќе бидат врачени на една од свеченостите организирани по повод 8.Декември – Свети Климент Охридски – Патронот на Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива