Охрид, 19. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Дебарско – Кичевската епархија ги известува православните верници дека утре, 20 април, на Светли Четврток ќе се служи Архиерејска литургија во црквата „Св. Јован Богослов“- Канео, едноцрквие за Охрид.
Литургијата ќе биде со почеток во 09:00 часот.
Како христијани и луѓе кои живееме во Црквата, се молиме, пееме, читаме, но, често пати, не ја чувствуваме пасхалната радост. Не ја чувствуваме, затоа што не сме се ослободиле од приврзаноста кон овој свет. Сè уште сме премногу приврзани кон него и нè интересираат само човечките работи. Не сме се издигнале над тие секојдневни обврски и работи и не сме го сфатиле духот на христијанскиот поглед кој вели: „Ние тука немаме постојано живеалиште, туку го бараме идното” (Евр. 13, 14). Само кога ќе се ослободиме од овој свет, тогаш ќе можеме да влеземе во радоста Божја. Господ Исус Христос вели: „Вашата радост никој не може да ви ја земе” (Јн. 16, 22). Тоа не е радост што ја дава овој свет, туку Христос. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива