Охрид, 2. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Продавачите на единственото улично списание во земјава, „Лице в лице“ ќе бидат во фокусот на третото одбележување на Меѓународната недела на продавачи на уличен печат која се одржува од 2 до 8 февруари во повеќе земји низ светот.
„Лице в лице“ ќе ја одбележи оваа недела со повеќе активности во Струга и Охрид.
Станува збор за годишен настан кој се одржува во првата недела од февруари, а целта е да се слави работата на продавачите на 114-те улични списанија и весници од 35 земји од целиот свет и да се поттикне јавноста да размислува за предизвиците и проблемите со коишто тие се соочуваат, како бездомништво, социјална исклученост, сиромаштија.
Активностите од Недела на продавачи на уличен печат се одвиваат во градовите во кои излегуваат улични изданија кои се членки на Меѓународната мрежа на уличен печат со седиште во Глазгов.
Организацијата „ПОРАКА НОВА“, која е дистрибутер на „Лице в лице“ за Струга, исто така ќе се вклучи во акцијата со продажба на изминати броеви. Струшките продавачи, со поддршка на „ПОРАКА НОВА“ ќе бидат на повеќе локации низ градот и ќе им ги понудат на граѓаните броевите кои им недостасуваат.
Во текот на Неделата, на социјалните мрежи на уличното списание ќе се споделуваат и приказни за дел од продавачите на „Лице в лице“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива