Охрид, 21. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Денес се одржа нова средба на градоначалникот Јован Стојаноски и дел од неговите соработници со претставници на угостителскиот еснаф.
На средбата беа усогласени ставовите околу наплаќањето на комуналната такса и надоместокот за поставување на урбана опрема, кои како предлог-одлуки ќе бидат ставени на дневен ред на наредната седница на Советот на општина Охрид.
Споед договореното, комуналната такса за вршење дејност да се плаќа на почетокот на секој месец и да изнесува 10 денари за зона А, 7,5 денари за зона Б и 5 денари за зона В, во периодот од мај до октомври (летно тарифирање), а за периодот од октомври до мај (зимско тарифирање) да се плаќа по 5 денари за метар квадратен во трите зони. Елаборатите кои досега се изработуваа за секоја година, во иднина ќе важат и за следната, доколку во меѓувреме не е донесена нова годишна програма или не се сменил корисникот.
Надоместокот за поставување на урбана опрема на јавни површини односно на градежно изградено и уредено земјиште, како што беше соопштено на средбата, согласно законските прописи ќе се плаќа врз основа на склучен договор за краткорочен закуп и за времетраење кое корисниците го побарале пред склучувањето на договорот. Висината на надоместокот на месечно ниво, за метар квадратен, ќе биде 300 денари за зона А, 250 денари за зона Б и 200 денари за зона В (летно тарифирање) и по 150 денари за трите зони, за периодот од октомври до мај (зимско тарифирање). (Крај)
извор: Општина Охрид фото: Општина Охрид