Охрид, 10. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Издавачката куќа „Макавеј“ ќе ја распишува наградата за најдобра поема „Григор Прличев“ што се доделува секоја година во чест на големиот поет од времето на преродбата.
– Нема да згасне ниту наградата, ниту традицијата, туку напротив, мислам дека само ќе може да се подобрува во иднина, имајќи го предвид значењето на Григор Прличев. Во иднина, издавачката куќа „Макавеј“ во соработка со Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе ја продолжи оваа традиција онака како што наликува, вели за Супер радио директорот на Центарот за култура во Охрид Горан Стојаноски.
Опстанокот на конкурсот и наградата што се организираат повеќе од две децении беше доведен во прашање кога редакцијата на „Детска радост-Просветно дело“ од Скопје во октомври минатата година најави дека доделувањето на наградата за најдобра поема за 2014 година ќе биде последно во нивна организација.
Иако се доделува веќе 22 години, на 6-ти февруари во Охрид, наградата „Григор Прличев“ годинава првпат ја доби поет од Охрид. „Амбар“ од Славе Банар беше оценета како најдобра поема од 15-те кои пристигнаа на конкурсот, која заслужува да ја добие оваа реномирана награда што го поттикнува негувањето на лирско-епската литературна форма. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес