Скопје/Охрид, 13. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во Република Македонија во август годинава се евидентирани вкупно 216.872 туристи, од кои 114.811 (52,9%) биле домашни, а 102.061 (47,1%) странски туристи.
Според податоците на Државниот завод за статистика, тие оствариле 877.138 ноќевања, од кои 75,2 отсто ги оствариле домашните, а 24,8 отсто странските туристи.
Во првите осум месеци од годинава за 22 отсто е зголемен бројот на туристите во споредба со истиот период лани при што кај домашните туристи има зголемување за 0,4, а кај странските за 42,4 отсто. Бројот на ноќевањата, пак, е зголемен за 9,6 отсто и тоа за 1,2 отсто кај домашните и за 25,5 отсто кај странските туристи.
Охрид како најголем туристички центар во Република Македонија бележи една од поуспешните сезони во текот на последните години.
Градоначалникот, д-р Кирил Пецков во неколку наврати изрази задоволство од исполнетоста на градот. Особено радува фактот што задоволителна исполнетост со странски туристи се бележи и во овој есенски период. Минатата година во општинската каса се слеале половина милион евра приход од туристичка такса. Годинава, според параметрите, би требало да се надмине оваа бројка, но сумираните резултати ќе ги имаме кон крајот на годината. (Крај)
извор: Слободен печат/ОхридПрес фото: ОхридПрес