март 24, 2017

Вадуц, 24. март 2017 (ОХРИДПРЕС) –Македонската фудбалска репрезентација, денеска во Вадуц ќе игра против Лихтенштајн во меч од квалификациите за СП во Русија 2018 година.

Нашата селекција против Лихтенштајн ја брка првата победа во овој квалификациски циклус, откако на претходните четири дуели „црвено-жолтите“, не освоија ниту бод.Македонија против Лихтенштајн ја има забележано најголемата победа во историјата на националниот тим, пред нешто повеќе од две децении Македонија славеше 11-1.

-Не очекува уште еден натпревар од овие квалификации, мислам дека одигравме четири доста добри натпревари, но за жал не освоивме ниту еден бод, исто како и Лихтенштајн. Мислам дека ова е голема шанса за нас да направиме пресвртница во овие квалификации. Сметам дека ако го добиеме денешниот натпревар може да се надеваме на пласман и на четвртото место. Знаеме дека на овој натпревар нема фаворити бидејќи двете репрезентации немаат бодови во овие квалификации. Мислам дека сме поквалитетни, но само ако го дадеме максимумот,ако одиграме како што се договоривме и сите да ги испочитуваме задачите на селекторот. Ако одигравме како на последните натпревари, нема да имаме проблеми, изјави каптенот Горан Пандев.

Натпреварот Лихтенштајн-Македонија во Вадуц е со почеток од 20:45 часот. (Крај)

извор: Спорт ТА/ФФМ фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука