Токио, 16. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – За време на службената посета во Јапонија, претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска и претставник на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот остварија средба со Јукио Хамамото, директор за интернационална соработка во министерство за економија, трговија и индустрија на Јапонија.
На средбата разговараа за можностите за интензивирање на соработката.
– Билатералната соработка и институционалното поврзување е од големо значење за успех и пробивање на компаниите од нашата земја на странските пазари. Сметаме дека тоа е најсоодветен модел за квалитетно воспоставување на темели за идна соработка, изјави Арсовска.
Таа додаде дека инвестициските можности што ги нуди Република Македонија за јапонските бизнисмени се порта за влез и етаблирање на нивниот бизнис во европски рамки. Од досегашните средби со претставници од јапонски компании и асоцијации, најголем интерес пројавиле за инвестииции во земјоделството, производството на храна и вино, автомобилските делови. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Stopanska komora