февруари 24, 2015

Охрид, 24.февруари 2015 (ОХРИД) – Со зголемувањето на температурите на воздухот и обилните врнежи, во овој период од годината се чести одроните на карпите над магистралниот пат што води од Охрид кон Албанија.

Најкритично секоја година е на патот над Хидробиолошкиот завод каде испаднатите карпи претставуваат голема опасност за возачите. Одроните во овој период од годината се чести и над патот кај комплексот Метропол-Белви.

Од охридската секција на јавното претпријатие „Македонија пат“ велат дека временските прилики се веќе подобрени за терен и од вчера започна расчистувањето на одроните.

-Нам ни е добро познато дека во овој период од годината кога се зголемуваат температурите, ерозивното земјиштето и карпите се ронат и паѓаат на патните правци поради врнежите од дожд и снег што ги имавме во текот на изминатиот период. Затоа работиме на терен. Нашите екипи ги вадат мрежите од карпестиот дел и ги чистат изронетите камења за да не ја оштетат мрежата и да не се струполат на патот, вели Крсте Ташкоски, раководител на секцијата на претпријатието „Македонија пат“ во Охрид.

Најкритично, се чини е над хотелскиот комплекс Метропол-Белви каде што исто така пред почетокот на пролетта се чести одроните на патот.

Одрони во изминатите години имаше и во стариот дел на Охрид. Пред две години се урна дел од карпата позади Куќата на Робевци, но за среќа не предивика поголеми штети врз музејскиот комплекс. Делови од карпи паѓаат и над покривите на куќите во населбата „Канео“.

karpa_robevci

Познавачите на приликите велат дека во овој период од годината кога нагло се зголемуваат температурите на воздухот, а претходно имало обилни врнежи од дожд и снег, е можна и појава на свлечишта.

Засега нема информации за лизгање на земјиштето, како што беше случај пред две години кога подземните води однесоа дел од земјиштето под магистралниот пат Охрид-Кичево помеѓу селата Подвис и Извор. Со брза интервенција, екипите на јавното претпријатие „Македонија пат“ секција Кичево успеаја да го санираат свлечиштето за да не дојде до пропаѓање на коловозот и негово отцепување од магистралата.

Свлечиште во тој период се појави и кај пристаништето во Свети Наум, под самите бехатон плочки. Зафатот за санација беше експресно завршен, а помогнаа и локалните жители. Доколку не се санирало свлечиштето, како што тогаш појасни првиот капетан на Капетанијата на пристаништа на Република Македонија Горан Устијаноски, постоела опасност, да бидат повредени луѓето кои го користат тој дел, бидејќи под стегнатите бехатон плочки постоеле огромни дупки.(Крај)

извор:ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука