Охрид, 18. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во Армискиот центар за обука на вода во Охрид, денеска, ќе се одржи централната свеченост по повод 18-ти август – Денот на македонската Армија.
На свечената церемонија на 27-от роденден на Армијата, со пригоден говор ќе се обратат претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски и вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заедно со претставници од највисокиот државен и воен врв на земјава, поранешни министри за одбрана и началници на генералштабот, пензионирани генерали, претставници на дипломатскиот кор, институции со кои соработува Армијата и други. На одбележувањето на роденденот на Армијата ќе присуствува и командантот на Националната гарда на Вермонт полковник Грегори Најт кој е во повеќедневна посета на земјата и по повод одбележување на уште еден јубилеј – 25 години од билатералната соработка.
Меѓу гостите на централната прослава на Денот на Армијата ќе биде и висока делегација на Вооружените сили на Република Бугарија, предводена од началникот на Генералштабот, генерал Андреј Боцев, која исто така престојува во повеќедневна официјална посета на земјава.
За роденден на Армијата е избран 18-ти август, денот кога во 1943 година на Славеј Планина бил формиран баталјонот „Мирче Ацев“. Процесот за формирање на современата армија на земјава започна во 1992 година, кога тогашниот претседател Киро Глигоров, со раководството на ЈНА го потпиша Договорот за дислокација на федералната армија од територијата на државата.
На споменикот на Славеј Планина, денес ќе се одржи народен собир по повод 76 години од формирањето на батаљонот „Мирче Ацев” и Денот на армијата. (Крај)
извор: ОхридПрес/Слободен Печат фото: архива