Битола/Париз, 25. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Благој Мицевски, костимограф, режисер и уметнички директор на Народен Театар – Битола, ја пренесе македонската порака по повод Светскиот ден на театарот.
– Театарот и јас, театарот и ти, тетарот и ние, театарот и вие, долгогодишна врска во која ги поминавме сите фази: од првобитна фасцинација и вљубеност, преку секојдневна рутина и меланхолија, до повторно откривање и нужна неопходност. Не знаеме каква иднина нѝ претстои.
Многумина ќе речат: Театарот е магија!
Не го оспорувам тоа. Но, мислам дека,во суштина, театарот е рудник во кој уметниците секојдневно се спуштаат длабоко во окното на своето тело и душа и си посакуваат среќа. Таму го наоѓаат своето богатство, за потоа, секојдневно исправени пред публиката да кажат: Еве ме, тука сум, сум бил и ќе бидам!
Многумина, исто така, ќе речат дека театарот има моќ да го менува светот на подобро. Сведоци сме дека тоа не е така, но, сепак, театарот има моќ да го менува човекот, да создава подобри светови од оној во којшто секојдневно живееме, да создава слики што порано не сме ги виделе, јазик што сите го разбираме и накој заедно се смееме или плачеме.
Некои, пак, велат дека театарот е во криза. И со тоа не се согласувам. Во криза е човекот кој не сака безгрижноста на својот дом, удобноста на својата фотелја и виртуелниот свет да ги замени со реален, вистински контакт и возбуда.
Во светот во кој еден фејсбук-статус ве прави да се чувствувате како херој или како голем уметник или како сестран експерт, знам дека е тешко да се биде реален.
Театарот за мене е храна и тоа онаа што денес е толку многу популарна – органска: затоа што сами ја засејуваме, затоа што знаеме на каква почва ја одгледуваме, затоа што не ја прскаме со вештачки ѓубрива, туку ѝ подаруваме љубов, а не лажни ветувања. Храна, која иако понекогаш ни го превртува желудникот, нѐ прави да се чувствуваме добро и долго да живееме.
Театарот и јас – веќе немаме потреба од долги разговори, интуитивно се чувствуваме. Немаме потреба од виртуелни пријатели и обожаватели од кои повеќе од половина не те поздравуваат кога ќе те сретнат на улица. Имаме потреба од долги аплаузи.
Сега, мислам дека е време да ги исклучите вашите мобилни телефони и онака искрено да се погледнеме очи в очи, е пораката која ја праќа Мицевски.
Додека, светската порака по повод Светскиот ден на театарот, годинава ја прати француската актерка Изабел Ипер.
– Еве веќе 55 години, секоја година во пролет се собираме за да го прославиме Светскиот ден на театарот. Само еден ден, само 24 часа за да се прослави театарот во целиот свет, почнувајќи од Но и Бунраку театрите, преку Пекиншката опера и Катукали, задржувајќи се меѓу Грција и Скандинавија, од Есхил до Ибсен, од Софокле до Стриндберг, меѓу Англија и Италија, преку Сара Кејн и Пирандело, а тука е и Франција меѓу останатите, и Париз кој како светски град и понатаму дочекува најголем број на театарски групи од целиот свет. Нашите 24 часа од Франција нèводат во Русија, од Расин и Молиер до Чехов, а оттаму преку Атлантикот во некој кампус во Калифорнија каде млади луѓе можеби повторно ќе го измислат театарот. Бидејќи театарот секојпат повторно се издигнува од својата пепел; се ослободува од старите конвенционалности заземајќи некоја модернистичка форма: тој така останува жив.Театарот има плоден живот кој им пркоси на просторот и времето; најсовремените пиеси се потпираат на достигнувањата од минатите векови, а дури и најкласичните репертоари стануваат модерни и витални кога повторно ќе се постават на сцена.
Тогаш Светскиот ден на театарот очигледно не е обичен ден споен во процесија со други обични денови. Тој ни овозможува пристап до еден огромен просторно-временски континуум. За да можам да го концептуализирам ова, дозволете ми да цитирам еден француски писател на драми, толку генијален колку што беше и дискретен, Жан Тардје: Кога се мисли на просторот, Тардје вели дека е разумно да се праша „која е најдолгата патека од една точка до друга?“… За времето тој предлага мерење „во десетинки од секунда, на времето кое е потребно да се изговори зборот ’вечност’“… За просторот и времето, пак, вели: „пред да заспиеш, фиксирај во умот две точки во просторот и искалкулирај го времето потребно на сон, да се стаса од едната до другата точка“. Фразата на сон останала со мене. Како Тардју и Боб Вилсон да се сретнале. Светскиот ден на театарот можеме да го сумираме и потсеќавајќи се на Семјуел Бекет кој на Вини ѝги дава зборовите: „Ах, колку убав ден ќе беше“. Кога размислував за оваа порака, а за којашто покана да ја напишам се чувствувам почестена, се сетив на сите соништа за сите овие сцени.Така што во оваа сала на УНЕСКО не доаѓам сама; секој лик кој некогаш сум го играла е тука со мене, улоги кои само навидум заминуваат отако ќе се спушти завесата, но кои во мене издлабиле подземен живот, спремни да им помогнат или да ги уништат улогите кои следат; Федра, Араминт, Орландо, Хеда Габлер, Медеа, Мертеј, Бланш Дибуа… Додека стојам денес пред вас ме надополнуваат и сите ликови кои сум ги сакала и на кои сум им аплаудирала како пиблика. И токму затоа му припаѓам на светот.Јас сум Гркинка, Африканка, Сиријка, Венецијанка, Русинка, Бразилка, Персијка, Римјанка, Јапонка, Њујорчанка, Марсејка, Филипинка, Аргентинка, Норвежанка, Кореанка, Германка, Австријка, Англичанка – вистински граѓанин на светот, благодарение на личниот ансамбл кој постои во мене. Бидејќи токму тука, на сцената, во театарот, се наоѓа вистинската глобализација.
На Светскиот ден на театарот во 1964, Лоренс Оливие изјави дека после еден век борба во Обединетото Кралство тукушто се формирал Национален театар којшто веднаш сакал да го пробликува во меѓународен театар барем во поглед на репертоарот. Тој добро знаеше дека Шекспир му припаѓа на светот.
Истражувајќи кој сè ја пишувал поракава, ми беше задоволство да дознаам дека пораката за инаугурацискиот Светски ден на театарот му била доверена на Жан Кокто, достоен кандидат имајќи предвид дека е автор на книгата „Повторно на пат околу светот за 80 дена“. Јас поинаку патував околу светот, јас патував преку 80 претстави или 80 филмови. Ги сметам тука и филмовите бидејќи не наоѓам разлика меѓу играњето во претстави и играњето во филмови, што ме изненадува секој пат кога ќе го кажам, но вистина е, така е, не гледам разлика меѓу двете.
Додека ви се обраќам, јас не сум јас, не сум актерка, јас сум една од многуте луѓе благодарение на кои театарот постои. Тоа е и наша должност, но пред сè наша потреба; како се вели: „Не постои театарот поради нас, туку ние постоиме благодарејќи му нему. Театарот е силен. Тој се спротивставува и преживува сè: војни, цензури, сиромаштија.
Доволно е да се каже дека „театарот е гола сцена од некое неодредено време“ – сè што и треба е актер. Или актерка. Што ќе прават? Што ќе кажат? Ќе зборуваат ли? Публиката чека и ќе дознае. Конечно, без публика нема театар – тоа никогаш да не го заборавиме. И само еден човек е публика. Но да се надеваме на помалку празни столчиња. Освен можеби во „Столовите“ од Јонеску… таму на крај старата вели: „Да, да, да умреме во полна слава. Да умреме за да влеземе во легендите… барем некоја улица да наречат по нас…“
Светскиот ден на театарот постои веќе 55 години. Во 55 години јас сум осма жена која е поканета да ја сочини пораката, ако ова може да се нарече порака. Моите претходници (машкиот род се наметнува!) зборуваа за театар на имагинацијата, на слободата и на оригиналноста за да се евоцира убавина, мултикулурализам, за да се постават неодговорливи прашања. Во 2013, пред само 4 години, Дарио Фо рече: „Единственото решение за кризата лежи во надежта дека ќе се организира еден голем „лов на вештерки“ против нас, а особено против младите луѓе кои сакаат да ја изучуваат уметноста на театарот: новатадијаспора на театарски уметници која од оваа лоша состојба несомнено ќе извлече незамислива корист за еден нов театар“. ’Незамисливакорист’, звучи како добра фраза, достојна за некоја политичка програма, зарем не?
И бидејќи сум во Париз непосредно пред претседателските избори, би сакала да им предложам на оние кои копнеат да нè управуваат да бидат свесни за незамисливатакорист која ја носи театарот. Но притоа да истакнам: без лов на вештерки!!
За мене театарот е онојдругиот, тој е дијалог, тој е отсуство на омраза. Пријателство меѓу народите – не знам што тоа точно значи, но верувам во заедницата, во пријателството меѓу публиката и актерите, во трајното единство меѓу народите кои театарот ги спојува – преведувачи, едукатори, костимографи, декоратери, професори, практичари и публика. Театарот нè штити, нè засолнува… Јас верувам дека театарот нè сака… онолку колку што ние го сакаме…
Си спомнувам на еден стар режисер од стар ков со кого работев, кој секоја вечер пред да се крене завесата ќе викнеше на цел глас: „Направете пат за театарот!“ – и тоа нека бидат моите завршни зборови за вечерва, вели Ипер. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива