јули 8, 2019

Охрид, 8. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Мајкл Клос, канадски и светски уметник со македонско потекло, ако не секоја година, тогаш барем на неколку години, настојува да биде покрај родната грутка на родителите – селото кое веќе не постои, Трсија, кај Лерин.

– Не случајно, мојата овогодишна летна турнеја, ја започнувам во Битола. Покрај Охрид, од каде е мојата муза, сопруга и менаџер, Менче, моминско – Змејкоска, Битола ми е на срцето. Затоа, од изминатиот викенд сум таму, на Интернационалната Ликовната колонија „Нижо Поле“, организирана од агилниот Драган Најдовски. Таму ќе останам до 10-ти јули, вели Клос.

Кога, пред 4 години, беше во Македонија, исто така беше на Колонијата „Нижо Поле“, а излагаше и во Кочани, во рамките на манифестацијата „Град на културата“. Потоа следеа: изложба во македонското Сен Тропе, Трпејца, Скопје во Безистенот, Кавадарци во Винарската визба, Гевгелија – Бавчата на хотелот „Аполонија“, Струмица – Ликовна колонија, Галичник, Струга на Струшките вечери на поезијата, за да ја заврши турнејата со изложбата посветена на Мајка Тереза.

No photo description available.

– Настојувам да настапам на што повеќе колонии и да организирам што повеќе изложби, тука каде се моите корени. Оваа летна моја турнеја, за жал, ќе биде пократка. Покрај Нижо Поле, ја содржи и онаа на Винаријата Стоби, во Стоби, но, неопходно е да нагласам дека сум посебно горди и да им се заблагодарам на МАНУ и мојот македонски народ, за изложбата во Куќата на бесмртните во Охрид,односно во Куќата Уранија, некаде кон средината на јули, додава Клос.

Клос вели дека е исто така горд што имал прилика да организира изложба посветена на Мајка Тереза, но и на онаа од Стразбур е посебно горд, затоа што му ја посетил на првиот македонски претседател Киро Глигоров, во 1996 година.

– Секогаш настојувам да бидам во Македонија, а потоа каде што ќе ме поканат ширум светот. Наесен, во октомври, патот ќе ме води во Казахстан, во Алмато, поранешен главен град на земјата, во познатата галерија „Кадсев“. Претходно бев во НР Кина, каде можев да посведочам дека таа огромна земја, со невиден светски потенцијал на сите полиња, е голем пријател на Македонија и Македонците и дека земјите и нациите не ги рангира според големината и моќноста, туку за сите има ист аршин, вели Клос.

Додава дека еден период се сконцентрирал на Њујорк, каде изложувал во галерии и во македонската мисија на Обеднитетите нации (ОН). Потоа на Рим и на светиот престол – Ватикан. Имал самостојна изложба во хотелот „Континентал“, а потоа и во Ватикан со 20 слики на платно. Во нашето дипломатско претставништво оставил 80 оригинални минијатури, да им бидат подарени на сите амбасадори во Ватикан. Исто толку минијатури и за истите официјални лица оставивил и претходно, за време на беатификацијата на Мајка Тереза.

Мајкл Клос, иако е релативно млад човек и ликовен уметник, роден 1954 година во Торонто, тој е истовремено и една „жива легенда“ и „институција“. Не знаете на што да дадете предимство, на уметничката нагорна врвица, на сенеистичката дејност се до актерство во филм со Мидлтон, графички дизајнер и сценарист. Има реботено на филмскте дела „Тројца мажи и бебе“ и „Т и Т“. Или, пак, на животната приказна. која исто така е фасцинантна. Посебно онаа за пронаоѓањето, во доцни години, на неговиот татко, таму некаде на Балканите, високо во планините во Бугарија. Тргнал да ја посети својата родна грутка во времето на Железната завеса, а одбрал да патува преку Бугарија, каде е заробен.

Image may contain: 1 person, outdoor

Мајкл многу ја сака Македонија, речиси исто колку и својата муза и менаџер Менка. Не еднаш за него е речено дека е македонски горостас со сите нишани, дури и со растот, додека неговата мисла: „Македонија може да се гради од Торонто, исто како што се разградува од среде Скопје“, стана антологиска, затоа што ја открива сета трагика на македонското битисување – од немило до недраго.

Во самата мисла е впишан кодот на македонските делби, неснаоѓања, лоши проценки и погрешни луѓе на „вистински“ места! Михаил (Мајкл) Клос е човекот кој, далеку од овде со себе го носи македонскиот код, само што со него судбината се поиграла на малку посуров начин. Додава, дека, мајка му Стоја Милошеска од Трсија, Леринско, ја напушта родната грутка непосредно по граѓанската војна во Грција, а слична е судбината и на татко му. Мајкл Клос, целокупната своја оставнина ја пренесе во сопственост на Република Македонија. Станува збор за многу оригинални документи, дневникот што го водел во три книги, слајдови, каталози, писма до светски лидери со кои лобирал за признавањето на Република Македонија под уставното име, како и една колекција цртежи и слики на платно.

Кон средината на јули, покрај изложбата во МАНУ-Куќата Уранија, како проект на општина Охрид и лично залагање на градоначалникот Константин Горгиевски, во Охрид ќе биде формирана нова инуституција – постојана Галерија, за кои Клос сликите ќе ги дарува без надоместок, со желба и барање со собраните средства да се стипендира еден студент. (Крај)

извор: Веле Митаноски фото: Веле Митаноски

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука