Нови Сад, 20. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Оваа година на „Експлозив“ бината посебно се издвојува плеадата од регионални бендови, меѓу кои и младиот скопски дед-метал бенд Cortex.
Нивниот настап на „Егзит“ всушност следи како награда од домашниот „Лузер Фест“ кој минатата година се одржа во Скопје во рамки на „Таксират фестивал“. Cortex на „Лузер Фест“ беа меѓу трите првопласирани групи кои понатаму беа испратени на преслушување на програмските селектори на реномираните европски фестивали. Оттаму изборот на „Егзит“ беше претставник на „Лузер Фест“ да биде токму овој бенд кој ќе го брани македонскиот жесток звук на моќната „Експлозив“ бина.
Најжестоката бина на Балканот, Explosive Stage на „Егзит“, оваа година ќе биде помоќна од било кога. Водечките американски индустриал металци Fear Factory на 12. јули прв пат ќе настапат во Србија, исто како и култниот њујоршки бенд Nuclear Assault, кој доаѓа на 11. јули и за кој ова е воедно и последна турнеја. Едно од најжестоките имиња на сите времиња Napalm Death, на 9. јули доаѓа да ја одбележи десетгодишнината од својот претходен настап на „Егзит“ кога ја предводеше тогашната „Метал Хамер“ бина, а на 10. јули премиерен настап на тврдината ќе има и калифорниската хардкор атракција Terror.
Покрај веќе потврдените асови Motorhead и новите рок ѕвезди Eagles Of Death Metal, на главната бина на „Егзит“, листата на бендови за овогодишната „Експлозив“ бина претставува вистински панк/метал/хардкор фестивал во фестивалот, чија програма самостојно може да им парира на најголемите светски смотри на жестокиот гитарски звук. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива