Хернинг, 27. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, после саемот Vagabond во Копенхаген, за првпат ја претстави туристичката понуда на најголемиот интернационален саем за туризам на Скандинавија во Хернинг, Данска.
Саемот за туризам во Хернинг е организиран во 13 хали, а туристичката понуда на 1100 изложувачи е претставена пред 61 885 посетители на саемот. Агенцијата за туризам на овој саем ја промовираше и ја претстави природата и активниот туризам во Македонија со што привлече огромен интерес, а за разлика од многу други земји, скандинавците помал интерес покажаа за македонската историја и култура.
Во конкуренција од 51 земја која на саемот ја изложија својата понуда, делегацијата на Македонија оствари бројни контакти, меѓу кои и со најголемите тур-оператори за Данска и Скандинавија- Sunweb, Appolo, Detur, Beach Tours, Suntur, TUI Denmark и Bravo Turs. Дел од нив најавија посета на Македонија и вклучување на земјава во нивните продажни туристички каталози. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива