Македонските карате репрезентативци на средба со градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков
декември 31, 2024

Охрид, 31. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков денеска се сретна со карате репрезентативците Анастасија Смилевска, Дамјан Митревски, Козма Митревски, Тамара Ѓурчиноска и Сара Цикуш од КБС „Кунсуто“ од Охрид, кои го освојуваат врвот на националните првенства и обезбедуваат учество во големите меѓународни карате сцени.

На надежните млади спортисти Пецаков им посака понатамошни успеси посочувајќи дека локалната власт во рамки на своите ингеренции ќе ги поддржува и следи нивните успеси.

Анастасија Смилевска и Дамјан Митревски учествуваа на Светското првенство за кадети, јуниори и У21 кое се оддржа во Венеција, Италија, а Тамара Ѓурчиноска учествуваше на Медитеранското првенство кое се оддржа во Олбиа, Сардинија, Италија. На Балканско Првенство за кадети, јуниори и У21 кое се оддржа во  Сараево, Босна и Херцеговина учествуваа охридските репрезентативци: Анастасија Смилевска, Козма Митревски, Дамјан Митревски, Тамара Ѓурчиноска и Сара Цикуш. Дамјан Митревски стана Балкански вицешампион освојувајќи го второто место во категорија кадети борби -52 кг, а Анастасија Смилевска како дел од екипата кадетки го освоија 5-тото место. Анастасија Смилевска, освојувајќи го првото место на Плеј-оф турнирот за кадети, јуниори и У21 обезбеди учество на Европското првенство за кадети, јуниори и У21 кое ќе се оддржи во периодот од 07-09.02.2025 година во Бјалско-Бјала, Полска.

Селекцијата за избор во карате репрезентација на Македонија и обезбедување на учество на Балканско, Медитеранско, Европско и Светско превенство е процес кој започнува со постигнување на резултат од прво до трето место на државно првенство на Македонија, а продолжува преку плеј-оф турнири на кои од прво до трето пласираните се натпреваруваат меѓусебно и само прво пласираниот обезбедува учество на Светско или на Европско Првенство. За учество на Балканското првенство се избираат од прво до петто пласираниот на државното првенство, а за учество на Медитеранско првенство се избираат од прво до трето пласираниот на државното изборно првенство. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука