јули 22, 2019

Скопје/Охрид, 22 јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Работна група составена од повеќе пратеници во периодот од јуни 2018 до јули 2019 година посетиле три затвори во државата, меѓу кои и КПУ „Охрид“.

Во КПУ „Идризово“, „Штип“ и „Охрид“ било констатирано дека казнено-поправните домови имаат недостиг од финансии за соодветно управување, недоволен број на вработени, пренатрупаност, слаба ресоцијализација, недостиг на здравствени услуги, незадоволителен квалитет и количина на храна, слаб контакт на затворениците со семејствата.

Ова се дел од заклучоците на работната група на собраниската Постојана комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, кои беа презентирани на денешната Јавна расправа на тема: Состојбата со човековите права во казнено-поправните установи во државата.

Дел од говорниците на расправата имаа забелешки на третманот и условите на затворениците додека пак претставниците на Казнено-поправните установи реагираа на лошите услови за работа како што се недостигот на средства и човечки ресурски за справувањето со претходно наведените забелешки.

Заменик народниот правобранител Васка Бајрамоска рече дека при нивната посета на затворите која следела по посетата на пратениците забележале дека во затворите владее корупција и дека многу лесно затворениците добиваат мобилен и дрога, дека постои физичко насилство врз нив, а посебно врз малолетниците во охридскиот затвор. Таа имаше забелешка на ресоцијализација, за која рече дека не постои, како и за констатацијата за здравствената заштита на притворените лица и децата сместени во затворот Охрид, каде се обезбедува само од еден лекар кој работи во итната медицинска помош и доаѓа само еднаш неделно да изврши преглед.

– Сметаме дека улогата на лекарот во постапување со затвореници како специфична категорија на пациенти е многу поголема и не смее да биде сведена на вршење на рутински прегледи и препишување терапија, истакна Бајрамовска.

Комплетната информација ОВДЕ. (Крај)

извор: МИА фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука